1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнаа подготовките за Самитот на Г20 во Мексико

21 февруари 2012

Министерската конференција за планирање на Самитот на Г20 во Мексико ги подготвуваше содржините на годинешната средба на најважните индустриски и земји во забрзан развој. Агендата е целосно во знакот на кризата.

https://p.dw.com/p/146PP
Групна фотографија во Лос Кабос на шефовите на дипломатии од земјите на Г20Фотографија: AP

Разговорите на маргините всушност се најважни на средби како подготвителниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Г20 што се оддржа од 18 до 20 февруари во Лос Кабос во Мексико. Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон на пример оддржа десетина разговори во четири очи. И германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле можеше без конкретна агенда да ги води своите разговори.

Економската стабилност и растот- најважни теми

Претседателот на Мексико, Фелипе Калдерон од друга страна не пропушти лично да ја отвори главната сесија на средбата на шефовите на дипломатии на земјите од Г20. Пет теми им се важни на Мексиканците- за да може Самитот на 20-те најмоќни светски нации чии домаќини ќе бидат на 18. и 19. јуни годинава да биде успешен.

Gudio Westerwelle beim Außenministertreffen der G20 in Los Cabos / Mexiko
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле во Лос КабосФотографија: dapd

„Прво- повторно воспоставување на економска стабилност и раст. Второ- јакнење на меѓународните економски институции, трето- подобрување на финансиските системи, четврто- безбедноста на исхраната и петто- еколошкиот раст“, порача Калдерон.

Успешен состанок

Мирно и опуштено, таков е впечатокот што министрите се трудеа да го остават во Лос Кабос. Сепак постојано доаѓаа нови прашања за Европејците - како да се реши должничката криза. Групата Г20 во секој случај очекува решенија.

„Постои голема загриженост за развојот во Европа и тоа не само тука на конференцијата на Г20. Затоа е важно ние Европејците да ја знаеме нашата одговорност за светот, не само за Европа и брзо и темелно да ги усвоиме соодветните и неопходни структурни реформи“, изјави германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле.

Се’ на се’ овој прв подготвителен состанок на ниво на министри за надворешни работи на земјите-членки на Г20 беше успешен- гласи заклучокот на Вестервеле. Тука постои единство. На бројните меѓународни средби се усвојуваат премногу декларации за намери, но потоа се запнува при спроведувањето.

Автор: Катарина Крол/ Симе Недевски

Редактор: Александра Трајковска