1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почна судската процедура по тужбата на Македонија против Грција

Г.Попов, А.Чомовски и Агенции19 јануари 2009

Во Хаг денеска се одржа првата официјална средба на македонските и грчките застапници за тужбата што ја поднесе Македонија против Грција пред Меѓународниот суд на правдата поради прекршување на привремената спогодба.

https://p.dw.com/p/GbCP
Амбасадорот Никола Димитров е козастапник на Македонија во ХагФотографија: MIA

Денеска во палатата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, се одржа првата официјална средба на македонските и грчките застапници за тужбата на Македонија против Грција поради прекршување на билатералната Привремена спогодба од 1995 година. На средбата, со која претседаваше претседателот на Судот, Розалин Хигинс, присуствуваа делегации на двете земји, предводени од официјалните застапници на владите во овој процес, како и Регистерот на Судот. Македонската страна беше претставувана од козастапникот, амбасадорот Никола Димитров и хрватскиот професор Будислав Вукас, кој е ад хок судија на Македонија. Застапници на Грција се грчкиот амбасадор во Холандија Констатинос Ралис, амбасадорот Јоргос Савадис и советничката од Министерството за надворешни работи Марија Телалијан. Грчки ад хок судија е професорот по меѓународно право од Атинскиот универзитет Емануел Рукунас.

Internationaler Gerichtshof in Den Haag, Klage
Судница во Меѓународниот суд во ХагФотографија: AP

Двете страни ќе ги презентираат доказите

Според извори од македонската делегација, суштината на денешната средба била во утврдувањето на термините за поднесувањето на аргументите на двете страни, по што ќе следува и нивно јавно презентирање.

Пред формалниот почетокот на можната постапка во судот во Хаг, двете страни ќе ги презентираат доказите кој и зошто ја прекршил привремената спогодба. Се очекува и грчките експерти да изнесат контрааргументи за постапките на владата во Скопје.Доколку се прифати македонската тужба, се очекува процесот да трае најмалку три години. Во јавната дебата по поднесената тужба од страна на Македонија, дел од експертите реагираа дека тоа е процес што ќе трае долго време и дека спорот треба да се решава во ОН. Доколку се прифати македонската тужба, процесот се очекува да трае најмалку три години.

Македонија на 17 ноември годинава поднесе тужба против Грција пред Судот во Хаг поради прекршување на Привремената спогодба од 1995 година со тоа што го попречи упатувањето покана до Македонија за зачленување во НАТО на Самитот во Букурешт. Од Меѓународниот суд на правдата се бара да и’ се наложи на Грција да ги почитува своите правни обврски предвидени во Привремената спогодба, која е правно обврзувачка за двете земји. Инаку, на 11 февруари е закажана нова рунда од македонско-грчките преговори во Њујорк, под посредништво на преговарачот Метју Нимиц.