1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Почнува трката по владиниот милионски колач за стопанството

Костадин Делимитов
15 јули 2019

Околу 4 илјади компании за 75 милиони евра! Од денеска стартува проширениот проект за поддршка на домашното стопанство. Бизнисмените се задоволни што добиваат еднакви можности за потенцијален развој.

https://p.dw.com/p/3M4pE
Symbolbild Staatsschulden Staatsverschuldung Schulden Geldhaufen Euro
Фотографија: Fotolia

Се проширува опсегот на компании што можат да добијат финансиска поддршка од државата. Предвидените 75 милиони евра поддршка за стопанството со најновите измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите им стојат на располагање на над 4.000 компании, од кои најголемиот дел се домашни. Владата ги донесе законските измени за да им помогне на поголем број пред сѐ домашни компании. Рокот за апликација стартува од денеска:

„Новите услови може да ги користат и компаниите што веќе имаат договори со претходниот закон. Измените се во насока на поголема поддршка на индустријата и економијата, а се опфаќаат фирми кои не беа опфатени првично со Законот. Со нив барање за финансиска поддршка може да поднесат компании од ИТ секторот, компании од преработувачката индустрија што не се опфатени со ИПАРД, а сакаат да направат индустриско производство. За финансиска поддршка може да поднесе барање и компанија од секторот трговија, но за да направи производствена дејност, како и од градежниот сектор, но не за изградба на станови, туку за делот на производната активност“, изјави вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Minister der neuen mazedonischen Regierung
Анѓушев: Новите услови може да ги користат и компаниите што веќе имаат договори со претходниот законФотографија: DW/Petr Stojanovski

Стопанствениците задоволни

Според проценките и податоците од Централниот регистар, за државна помош можат да аплицираат околу 4.000 компании кои ги исполнуваат потребните критериуми. Стопанствениците се задоволни:

„Уште на почетокот, кога се договаравме со Владата за овој закон, имавме шанси да објасниме дека државната помош како таква постојано го поттикнува бизнисот. Првиот наш став беше дека тоа не би требало да се прави и да биде правило со години. Но, од друга страна, во моменти кога на нашата економија ѝ треба тенденција на раст и тоа засилен, тогаш е добро што се изедначуваат условите и се креираат политики кои овозможуваат поголем опфат на компаниите. Да не бидат ограничени само на одреден број компании, туку на некој начин да се зголемува можноста кој може да аплицира. Кој има идеја за развој на бизнисот или да инвестира повеќе, да може да аплицира за државна помош“, смета Миле Бошков, претседател на Конференцијата на работодавци.

Повеќе:Ќе заздрави ли економијата целосно во 2019?

Повеќе пари за поддршка

Ако минатата година за поддршка кон стопанството во буџетот беа издвоени над 45 милиони евра, годинава таа ставка изнесува 70 милиони евра. Од владата велат дека средства ќе има доволно за сите компании што ќе ги задоволат критериумите. За стопанствениците е добро што има повеќе пари:

„Апсолутно, би требало да биде логично ако владата претпоставува дека поголем број на компании можат да аплицираат веројатно ќе треба и да се зголеми планираниот буџет за тоа. А мислам и дека ќе треба. Така што ќе следи најверојатно и ребаланс на буџетот за да се обезбедат потребните средства и ќе видиме кој дел од буџетот ќе предзивика намалување на средствата за оваа сметка. Но дефинитивно е добро што се прават вакви чекори кои му даваат поддршка на бизнисот, на оној којшто има идеја, амбиција, план за развој“, смета Бошков.

Wirtschaft und Finanzen
Власта го реализира предизборното ветување за овозможување еднакви услови за странските и домашните стопанственициФотографија: picture alliance / Klaus Ohlenschläger

Олеснети критериуми

Олеснетите критериуми за државна помош предвидуваат парични средства да добијат сите оние компании кои ќе инвестираат. Не за планови за идно инвестирање, туку за инвестиција која е веќе реализирана. На компаниите им е оставена можност да флуктуира и бројот на вработени до пет отсто. Ова, според надлежните, се прави бидејќи добар дел од компаниите ни криви ни должни се соочени со одлив на стручен кадар за кој тешко се наоѓа соодветна замена. Дополнително и поради купување нова технологија.

Со законот досега биле опфатени 600 компании. Поддршка како што велат од владата добиле над 300 компании, а потпишани се 30 договори за изградба на фабрики во и надвор од технолошко-индустриските развојни зони. Според условите во огласот, компаниите коишто ќе аплицираат за државна помош и ќе влезат во игра, ќе добијат договор до 15 октомври. Еден месец подоцна ќе можат да поднесат и барање за исплата. Компаниите кои што работат надвор од Технолошко индустриските развојни зони барањата ќе треба да ги поднесат до Агенцијата за инвестиции. Останатите пак во Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони.

Идентичен третман за инвеститорите

Државната помош е дел од владиниот проект за економски раст кој беше промовиран непосредно откако СДСМ ја презеде власта. Со него беше проширена поддршката за стоапанството, односно компаниите кои ќе реализираат инвестиција и ќе отворат нови работни места. Со тоа, а и со последнава измена, власта практично го реализира во целост предизборното ветување за овозможување еднакви услови за странските и домашните стопанственици.

Тоа беше и едно од клучните барања на домашната бизнис заедница, која низ годините владеење на ВМРО ДПМНЕ реагираше дека била запоставена по овој основ. Тогаш државната поддршка се доделуваше на странски компании кои ќе инвестираат во отворање производствени капацитети во некоја од технолошко индустриските развојни зони.