1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Појаснувањето на Папата беше многу важно!

18 септември 2006

Папата со јавното и лично појаснување на спорниот цитат направи добар и важен чекор за смирување на духовите – смета Петер Филип во следниот коментар.

https://p.dw.com/p/AdxD
Папата Бенедикт 16-ти за време на појаснувањето на сопствената изјава
Папата Бенедикт 16-ти за време на појаснувањето на сопствената изјаваФотографија: PA/dpa

Она што се закануваше да стане нов ураган во често спомнуваната борба на културите, сега би требало брзо да спласне. Папата појасни дека не мислел така, како што тоа го слушнале некои од религиозните водачи во Истанбул, Исламабад или Техеран. И тоа го стори лично, не остави наместо него некој портпарол на Ватикан да ги појаснува неговите изјави.

Неразбирањето, вознемиреноста, па дури и разлутеноста во муслиманските земји беа и разбирливи. Дури и ако Поглаварот на Католичката црква само цитираше дел од еден стар текст, дури и ако го окарактеризира тој дел како „зачудувачки груб„ , сепак мораше да му биде јасно дека таквиот цитат ќе се појави во светската јавност скусен и изваден од контекст. Папата не стори добро што го искористи тој цитат. Еднакво така не сторија добро ни оние кои веднаш се залетаа со официјални протести, со обвинувања на адреса на Папата и кои бараа официјално извинување од него. При тоа кругот на засегнати овој пат беше поширок во споредба со оние кругови каде веќе по традиција се ползува секој повод за да се шири грозната слика за Западот како арогантен во однос на исламот. Дотолку беше и поважно што Папата лично се погрижи за разјаснување на случајот.

Сега би било добро кога обете страни проблемот би го сметале за разрешен. Пред се‘ оние протагонисти на борбата на културите од обете страни кои не се во потрага по взаемно разбирање, дијалог и компромиси, туку сакаат да ја потчинат и поразат другата страна. Исто така би било добро кога сега токму Црквата би се заложила за поттикување на мирната коегзистенција. Дека има погрешни проценки на другата страна ни покажува и спорниот цитат од 14 –тиот век. Поради тоа е пролеано веќе премногу крв, на обете страни и секогаш со повикување на религијата – иако страшните дела беа во драстична противречност со основните принципи на религијата.

Појаснувањето на Папата и изјавата на жалење, беа повеќе од очекуваното, со оглед на инсиситирањето на католиците дека Папата е непогрешлив. Тоа појаснување не беше бараното понизно клекнување на колена, туку знак на човечка големина. Можеби тоа можат и другите да го сфатат како сигнал и да се откажат од надменоста, арогантноста и нетолерантноста и да ги заменат со човечност, скромност и разум. Со тоа би ги смириле брановите на згрозување во сопствените редови!