1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По комуналните избори во Унгарија – политичката криза уште подлабока

2 октомври 2006

На комуналните и регионални избори во Унгарија голема победа однесе опозицијата. Набљудувачите оценуваат дека ова е шлаканица на премиерот Ференц Ѓурчани, поради прикривањето на големите државни долгови спроти претходните парламентарни избори во април годинава.

https://p.dw.com/p/Adwp
Што очекуваат унгарските избирачи од владата во Будимпешта?
Што очекуваат унгарските избирачи од владата во Будимпешта?Фотографија: AP

Владеачката социјалистичка партија на Унгарија претрпе тежок пораз: во дури 18 од вкупно 19-те региони во земјата најсилна политичка партија стана десно-националната ФИДЕС, на претходниот премиер Виктор Орбан. Само во главниот град Будимпешта изостана смената на комунално ниво. Досегашниот градоначалник Габор Демски може да го продолжи владеењето на коалицијата меѓу социјалистите и либералите, што го води главниот град веќе 16 години. Познавачите на приликите во Унгарија на исходот во главниот град му припишуваат клучна улога за натамошниот равој на настаните и на национално ниво.

За политичката криза во земјата и излезот од неа партиите на власта и на опозицијата секако имаат сосема опречни ставови. Шефот на социјалистичката партија и актуелен премиер Ѓурчани изјави дека има намера да остане на власт и покрај тешките загуби на комуналните избори. Тој исто така најави дека ќе се придржува до драстичните мерки на штедење. Поддршка за таквата политика доби од заменик претседателот на социјалистите, Ференц Јухаш:

„Од утре политиката не смее да се води како до сега. Од утре Унгарија мора да ја изведеме од кризата во која се наоѓа цели 16 години и за таа цел парламентарното мнозинство ќе му ја даде сета можна поддршка на премиерот.„

Шефот на опозиционата партија ФИДЕС, Виктор Орбан, го оцени изјаснувањето на граѓаните на комуналните избори како јасно барање на граѓаните за оставка на премиерот. Унгарците не сакаат повеќе да живеат во лаги, порача Орбан алудирајќи на признатите лаги на премиерот Ѓурчани околу презадолженоста на државата. И шефот на државата Ласло Солиом во ТВ говор кусо по затворањето на гласачките места и‘ изрази поддршка на огорченоста на граѓаните поради лагите на владеачката партија.

„Настаните од изминатите две недели ја продлабочија уште повеќе трагичната поделеност на унгарското општество. Со оглед на тешката економска состојба, меѓутоа, неопходен ни е минимален општенствен консензус. Сега е на потег Парламентот, кој решава за личноста на премиерот.„

Последниот дел на изјавата на Претседателот Солиом познавачите го толкуваат како повик до пратениците да му изгласаат недоверба на премиерот Ѓурчани.