1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По нападите во Алжир се шири стравот од натамошни напади

12 април 2007

По вчерашните атентати во Алжир расте стравот кај околните земји дека станува збор за почеток на нов бран терористички напади.

https://p.dw.com/p/Abxp
Дали е ова само почеток? Пожарникари се обидуваат да го угасат пожарот на местото на атентатот во Алжир
Дали е ова само почеток? Пожарникари се обидуваат да го угасат пожарот на местото на атентатот во АлжирФотографија: picture alliance/dpa

Потврда дека ваквите сомнежи не се без подлога нуди денешното кревање во воздух на нов атентатор самоубиец во градот Казабланка, во соседно Мароко. Во истото предградие на Казабланка пред два дена во воздух се кренаа уште тројца атентатори, кои не сакаа да и‘ паднат в раце на полицијата. Вчерашните атентати во Алжир наидоа на осуда од меѓународната заедница.

Владата на САД остро ги осуди атентатите во Алжир. Портпаролот на Стејт депртментот Шин Меккормак порача дека станува збор за “одвратни акти“ што биле насочени како против безбедносните сили, така и против цивилното население. И Германија во име на ЕУ најостро ги осуди нападите. ЕУ е “згрозена“ од атентатите и им изразува сочувство на најбилиските на настраданите, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи во Берлин.

Присуството на терористи во Алжир и во Мароко предизвика највисок степен на тревога во Шпанија, која има тесни врски со земјите од другата страна на Средоземното море. Ова дотолку повеќе што во пораката на терористите се најавува ослободување на исламските подрачја “од Ерусалим до Ал Андалус“ - термин што се користел во историјата за да ја означи Шпанија. Таа била под арапска власта цели 800 години, се‘ до протерувањето на маврите во 1492-та година. Шпанскиот експерт за борба против тероризмот Фернандо Реинарес нагласува дека најновите атентати би можеле да бидат предвесници на цела серија атентати на југот од Европа, вклучувајќи ја и Шпанија.

Неговиот француски колега Луј Каприоли‘ смета дека вчерашните атентати се еден вид данок во крв со кој симболички се покажува пристапување на алжирските исламисти кон семејството на Ал Каеда.

“Алжирците мораа да дадат гаранција за тоа и таа е претставена во овие атентатори самоубијци. Со тоа тие го подвлекуваат пристапувањето кон организацијата, а од друга страна ја провоцираат алжирската влада удирајќи во срцето на државата, што подолго е сон на сите алжирски терористички организации.“

Нападите се очигледно добро и подолго планирани, бидејќи атентаторите удрија по седиштето на владата и на министерството за внатрешни работи. Конечно и датумот за нападите е многу добро избран:

“Друг симбол е тоа што вчера беше 11 април, тоа е симболичен датум бидејќи нападите врз САД беа на 11 септември, во Мадрид на 11 март, во Ѓерба на 11 април... тоа е цела низа симболични датуми“ - нагласува францускиот експерт за тероризам Луј Каприоли‘.