1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По поддршката од САД и ЕУ, украинската опозиција бара отстапки од Јанукович

Александар Методијев/афп/миа/дв2 февруари 2014

Украинската опозиција одржа нов протест, откако вчера доби силна поддршка од ЕУ и САД, но и нови обвинувања од Русија. Се стравува дека најлошата криза од независноста би можела да се реши со воена интервенција.

https://p.dw.com/p/1B1TP
Фотографија: picture-alliance/dpa

Опозициските групи одржаа нов протест на плоштадот Мајдан за да го притиснат претседателот Виктор Јанукович на нови отстапки. Едни од барањата на опозицијата се веднаш да се ослободат притворените демонстранти и да се формира нова влада. Владејачката Партија на регионите на Јанукович веќе донесе закон со кој се гарантира амнести на притворените активисти во протестите што се одржуваат повеќе од два месеца, но условот за тоа е во следните две недели да се ослободат окупираните државни институции од страна на демонстрантите.

Поддршка од САД и Европа

Новите протести се случија откако вчера демонстрантите добија силна поддршка од ЕУ и САД. Американскиот државен секретар Џон Кери и лидерите на украинската опозиција вчера (01.02.2014) во Минхен постигнаа договор за конкретни чекори за излез од кризната ситуација во Украина.

„Борбата за демократија, за европската иднина, денес никаде не е поважна отколку што е во Украина. САД и ЕУ стојат зад луѓето во Украина“, изјави Кери на Минхенската конференција за безбедност.

„Договорени се конкретни реални чекори, а не само искажување солидарност со украинскиот народ“, изјави пред новинарите во Минхен опозицискиот пратеник Петро Порошенко.

Еден од лидерите на украинската опозиција Арсениј Јаценјук информираше дека двете страни договориле конкретен план за запирање на насилството, ослободување на сите притворени и истражување на сите „киднапирања и убиства на Украинци“.

Kiew Ukraine Protest Unruhen
Ќе најдат ли западните политичари решение на повеќе од двомесечните протести во Украина?Фотографија: Reuters

„Ние го прифативме предлогот на генералниот секретар на Советот на Европа Турборн Јагланд за формирање независна комисија со учество на опозицијата, власта и претставник на Советот на Европа. Четврта точка е уставна реформа и брзо враќање кон парламентарно-претседателска република, како и економски пакет“, потенцираше Јаценјук.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер побара од украинскиот претседател сега да дејствува бргу, порачувајќи дека „е опасно да се игра со времето кога фитиљот на бурето барут е веќе запален“.

Следната недела во Киев се очекува да пристигне делегација од ЕУ и САД, составена од високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Кетрин Ештон, еврокомесарот за проширување Штефан Филе, заменик-джравниот секретар на САД Викторија Нуланд и повеќе министри за надворешни работи од ЕУ.

Критики од Русија

Во меѓувреме, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, чија Влада го поддржува украинскиот претседател Јанукович, ги критикуваше западните лидери за поддршката на антивладините протести.

„Зошто толку многу познати политичари од ЕУ всушност охрабруваат такви акции, иако тие дома се многу брзи во остро казнување на какво било прекршување на законот? Каква врска има поттикнувањето на се’ понасилни улични протести со промовирањето демократија“, праша Лавров.

„Зошто не слушаме осуда на сметка на оние кои јуришаат и ја преземаат контролата врз зградите на Владата, ги палат полициските објекти, извикуваат расистички, антисемитски и нацистички слогани“, праша шефот на руската дипломатија.