1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По примерот на „Билд“ во освојување на источна Европа

Бернд Ригерт / Симе Недевски24 јуни 2012

Најчитаниот германски дневен весник „Билд“ денеска (24.06.2012) го слави 60. роденден. Издавачката куќа Аксел Шпрингер успешниот рецепт на булеварско новинарство во меѓувреме го користи ширум Европа.

https://p.dw.com/p/15JjX
Фотографија: AP

Според податоците на издавачката куќа Аксел Шпрингер најуспешно списание со булеварски предзнак во Европа е „Ауто Билд“. Секој месец во 30 земји во светот се продаваат седум милиони примероци од тој магазин. „Ауто Билд“ има лиценцни изданија и во Индија и во Тајланд. Многу успешни се и други производи на оваа издавачка куќа, како на пример „Компјутер Билд“. Во Полска, Чешка, Словачка и Србија, Аксел Шпрингер заедно со швајцарскиот партнер - издавачката куќа Рингиер издаваат класични булеварски весници кои се создадени по примерот на германскиот „Билд“ и швајцарскиот „Блик“, но имаат независна уредувачка политика. На своите читатели им го нудат она што пазарот го бара. Нивна цел е во тие земји да ги издаваат најтиражните весници, што според наводите од стручни кругови, им успева.

Auto-Bild
„Ауто Билд“ се издава во 30 земји во светот

Претставништва во девет земји

„Факт“ во Полска, на пример, кусо по излегувањето на пазарот во 2004. година стана најчитан весник во земјата. Како и други весници во Полска и „Факт“ е наклонет кон сензационалистичкото известување. Спроти Европското фудбалско првенство во весникот не штедеа изрази кои говорат за војна. „Во Полска новинарството е ангажирано. Често се мешаат извештаи и коментари во весниците. Освен тоа, во центарот на вниманието е внатрешната политика“, вели полскиот стручњак за медиуми Станислав Моцекл во својата студија за медиумите во Полска. Тоа што весниците како „Билд“ и „Факт“ кои ги издава ист издавач повремено заземаат различни страни, на менаџментот не му пречи. „Со тоа впрочем се потврдува дека редакциите на овие весници се независни, а најважна е заработувачката“, велат во таа издавачка куќа.

Logo der neuen Tageszeitung Fakt von Springer Polska
Најчитаниот весник во Полска, „Факт“

Издавачката дејност во Полска се проширува

Аксел Шпрингер ја проширува дејноста во Полска. Во април годинава Шпрингер и Рингиер го презедоа и најголемиот полски интернет портал „Онет.пл“. „За нас тоа е пресвртница“, изјави тогашниот шеф на мешовитото претпријатие Флориан Фелс. „Покрај најтиражниот весник во Полска, Рингиер-Шпрингер во иднина ќе ги има и највлијателните онлајн-медиуми“.  Шпрингер во Полска ги издава и магазините „Њусвик Полска“ како и полскиот „Форбс“.

Во Унгарија германската издавачка куќа е активна уште од политичките промени во 1989. година. Во меѓувреме објавува 10 весници и 30 списанија и би можело да се каже дека Шпрингер прерасна во највлијателен издавач во земјата. На рускиот пазар исто така ја проширува дејноста, иако главно станува збор за изданија без политички содржини. Најголем успех во Русија, Шпрингер остварува благодарение на популарно-научниот магазин „ГЕО“ и таблоидот „О.К“.

www.blic.rs (Print)
„Блиц“ има најголем тираж во СрбијаФотографија: blic.rs

Бизнисот на интернет станува се’ поважен

Германско-швајцарскиот партнерски концерн Рингиер-Шпрингер во Србија доминира благодарение на големите тиражи на булеварскиот дневен весник „Блиц“. И во Словачка ова заедничко медиумско претпријатие во сопственост го има највлијателниот булеварски весник „Нови час“. Весникот „Блеск“ пласиран на чешкиот пазар е исто така најчитан. Таму концернот издава уште пет весници и 14 магазини.

Претседателот на Управниот одбор на издавачката куќа Аксел Шпрингер, Матиас Депфнер, најави дека компанијата има намера да ги проширува своите активности на меѓународниот пазар, особено во онлајн секторот. Во моментов Шпрингер речиси една третина од приходите ги остварува во странство. Аксел Шпрингер не е единствената германски издавачки концерн кој дејствува во поголем дел од Европа. И ВАЦ и Бурда веќе имаат освоено важни делови од пазарите, особено во источна Европа.