1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По промените во СДСМ, на ред е Владата

27 мај 2019

Сите дискутанти на седницата на ЦО му дале максимална поддршка на партискиот претседател за планираните промени, наведувајќи дека за нив не се битни функциите, туку напредокот на земјата.

https://p.dw.com/p/3J9fM
Politik Skopje, Mazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski

Не метла, туку тајфун. Вакви се најчестите коментари откако синоќешната седница на Централниот одбор (ЦО) на СДСМ заврши со разрешување на комплетниот состав на Извршниот одбор, на Генералниот секретар Александар Кирацовски, на тројца партиски секретари, како и на претседателката на Форумот на жени, Цветанка Ласкова. Оставки сами си поднеле шесте партиски потпретседатели - Оливер Спасовски, Дамјан Манчевски, Мухамед Зекири, Фросина Ременски, Петре Шилегов и Благој Бочварски. Дел од партиските функционери биле разрешени, а на дел кои сами се повлекле им биле констатирани оставките.

Ова е втора кадровска промена откако во минатиот понеделник беа разрешени 78 претседатели на Општински организации на СДСМ, и беше најавено дека ќе почне постапка за избор на нови раководства. Во моментов, практично повеќе од 100 лица повеќе не се на партиските функции, а дел од нив може да бидат повторно реизбрани доколку покажале добри резултати. Според партиски извори, наводно и заменик-претседателката Радмила Шекеринска понудила оставка на функцијата на координацијата одржана пред седницата на ЦО. Но според партискиот статут, за оставка на претседател и заменик-претседател не може да одлучува ЦО, туку исклучиво Конгресот. Истите извори велат и дека нејзината партиска функција воопшто не е доведена во прашање. 

Синоќа, сите дискутанти на седницата му дале максимална поддршка и одврзани раце на партискиот претседател за планираните промени, наведувајќи дека за нив не се битни функциите туку напредокот на земјата и довербата на граѓаните.  

Mazedonien Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Ќе се бара отчетност од сите

Премиерот Заев по завршувањето на седницата на ЦО потенцираше дека ветените промени се случуваат. Јавно им се заблагодари на сите функционери за досегашното извршување на партиските функции.

„Никој од нас не е непроменлив. Следуваат консултации за поставување на новите органи и тела. Ќе дојдат нови луѓе, верувам во нив. За реконструкцијата на Владата во јуни, еве првпат откривам, ќе биде сменета една третина од неа, што значи, ќе одиме со избор на нова Влада“, рече Заев.

Повеќе:

-Името на промените: едни за метла, други за ветинг

-„Метлата“ ќе ги чисти економските ресори

-Што да се прави со победата?

Засега е јасно дека министер за земјоделство повеќе нема да биде Љупчо Николовски, бидејќи ќе биде нов Генерален секретар на партијата, а статутот на СДСМ не дозволува носителот на таа функција да партиципира во извршнната власт.

„Тој е еден од моите успешни министри, но сега ќе мора да се врати чекор назад и темелно да ја реорганизира партијата“, изјави премиерот и потенцираше дека партијата продолжува да биде раководена од него како лидер, од ЦО, од заменикот-претседателката Радмила Шеќеринска и Генералниот секретар Николовски.Љупчо Николовски им се заблагодари на членовите на ЦО за довербата.

„Доаѓа период во кој и преку инструментите на СДСМ ќе бараме отчетност од сите избрани функционери, ќе бараме отчет од градоначалниците, од локалните самоуправи и точно ќе ја следиме реализацијата на нивната програма, на секој градоначалник, на секој директор, за секоја мерка до каде е самата реализација. Ќе бидеме постојано на терен, уште од утре“, рече Николовски.

Заев најави дека ќе следуваат и разрешувања на министри, заменици-министри, директори, раководители на подрачни единици, но одби да соопшти бројка со оглед дека станува збор за процес што тече во консулатации со коалициските партнери, од кои очекува фидбек во наредната недела. Целиот процес треба да финишира во средината на јуни. 

Griechenland Nord-Mazedonien Regierungskonsultationen in Skopje
Фотографија: Regierung der Republik Nord-Mazedonien

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да понесе одговорност!

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште пред почетокот на ЦО се огласија со ств дека единствен начин Заев да и помогне на Македонија е самиот да ја понесе одговорноста.

„Точно е дека одговорност имаат и претседателите на општинските организации на партијата, кои молчеа и го поддржуваа криминалот на Заев и на неговите соработниците само за некое вработување или поситен бизнис. Тие треба да бидат сменети, но најголемата одговорност е лично кај Заев и кај неговите први соработници. Заев мора да понесе одговорност за недобивањето датум за преговори со ЕУ и за лагата дека датата 'кристално чиста е добиена уште лани'. А и за ветувањата од него дека Бујар Османи ќе одговара, дека ќе има кривична за него заради криминал“, рече на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.

Од партијата порачаа дека мора да бидат сменети министрите Рената Десковска, Дамјан Манчевски, Оливер Спасовски, Венко Филипче, Мила Царовска, Горан Сугаревски, Кочо Анѓушев и Драган Тевдовски, како „советници и соработници на Заев кои како адвокати влечат огромни суми од јавните претпријатија за адвокатски услуги“.

Заев на новинарско прашање синоќа одговори дека нема намера да се повлече, ги наброи крупните резултати на Владата и испрати порака до опозицијата.

„ВМРО-ДПМНЕ нека го следи нашиот пример. Таму се е за менување. Јас работев и кога беше Никола Груевски, сега таму состојбата е полоша од тогаш. Од овој одговор вие заклучете каква е состојбата“, рече Заев.