1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По пучот на Тајланд состојбата е мирна

20 септември 2006

Воената хунта на Тајланд денеска најави именување нов премиер на земјата во наредните две недели и нови парламентарни избори во октомври 2007-та.

https://p.dw.com/p/Ac34
Тенк се движи во близината на седиштето на владата во главниот град Бангкок
Тенк се движи во близината на седиштето на владата во главниот град БангкокФотографија: AP

Таа уште вчера го прогласи за симнат од власт премиерот Таксин Шинаватра, кој се наоѓаше во Њујорк на Генералното собрание на ОН. Шефот на воената хунта Сонти Бунјараткалин најави дека има намера да ја разреши политичката криза во земјата и што е можно поскоро да му ја врати власта на народот.

Под сликата на Кралот Бхумибол и во придружба на командантите на сите три рода на тајландската армија, водачот на пучот Сонти во првото телвизиско обраќање порача дека има намера да ги разреши конфликтите во тајландското општество што ги предизвикал премиерот Таксин Шинаватра. Поради тоа власта ја презема Советот за реформи.

И медиумите во Тајланд се подложени на строга цензура. Така премиерот Шинаватра се обиде од Њујорк по телефон да објави воведување вонредна состојба во земјата и со тоа да покаже дека се‘ уште има контрола врз ситуацијата. Но, програмата на ТВ станицата што ја емитуваше изјавата на премиерот беше прекината.

Во Бангкок инаку ситуацијата денеска е напната, но мирна. Тенкови ги држат под контрола главните зданија со седиштето на владата и кралската палата. 59-годишниот водач на пучистите Сонди се смета за лојален следбеник на Кралот Бхумибол. Сонди е муслиман и пучистите го одбраа токму него како водач на воената хунта, бидејќи се надеваат дека ќе биде во состојба да го надмине крвавиот конфликт со муслиманските востаници на југот на земјата.

Во тајландската јавност инаку веќе со недели се шпекулираше околу можен пуч, потврдува и свештеникот Буркхард Бартел, од евангелската црквена општина во Бангкок:

„Гласини се шират веќе со денови и недели, весниците се полни со нив. Постојано имаше најави за пуч, па беа повлекувани. Но, населението не е поделено. Станува збор за политичко одмерување на сили меѓу актуелната влада и армијата, така што не очекуваме дека може да дојде до крвави судири меѓу одделни делови на населението на Тајланд.„

Политичката криза во Тајланд трае веќе подолго, а се заостри откако парламентарните избори во април наидоа на бојкот од страна на опозицијата. Таа му префрли на актуелниот премиер Таксин Шинаватра дека ги изманипулирал изборите. Потоа беа најавени нови избори за октомври, но премиерот пред неколку дена ги одложи. Опозицијата му префрла на премиерот дека води популистичка политика и дека дозволува во општеството да завладее корупција и непотизам.