1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

По „симболичното„ и вистинско повлекување?

3 септември 2007

Британските трупи денеска изутрина го завршија повлекувањето од јужно-ирачкото пристаниште Басра. По предавањето на воената база во Зградата на палатата во Басра, сега се стационирани само на аеродромот.

https://p.dw.com/p/Bavq
Ирачаните ја презедоа базата на Британците во БасраФотографија: AP

Ирачката армија ја презеде контролата врз „Басра палас„, изјави за агенцијата Франс Прес одговорниот генерал за операциите во Басра, Мохан Фахад. Во главната команда што е под контрола на ирачката армија, можат да се движат само авторизирани личности додека премиерот Нури ал Малики не реши за идната употреба на зградата.

На југот на Ирак инаку, се стационирани околу 5 ипол илјади британски војници, најголемиот број во и околу Басра. Нивниот број до крајот на годинава треба да падне на 5 илјади, додека трупите што ќе останат, според ставот на премиерот Гордон Браун, и натаму ќе се грижат за стабилноста на провинцијата и ќе ги обучуваат домашните сили за безбедност. Според британскиот весник „Тајмс„ по ова „симболично повлекување„ од Басра, треба да се очекува почеток на повлекувањето на британските војници од Ирак. Во Соединетите Американски Држави од овој потег можат да бидат се друго, но не и задоволни. Спорот околу воената акција во Ирак веќе подолго време ги оптоварува односите меѓу Вашингтон и Лондон. По неколкуте интервјуа на британски генерали, во односите тешко нешто да се промени. Генералот што ги командуваше британските сили во инвазијата врз Ирак, Мајк Џексон кој во меѓувреме е во пензија, во неговата биографија стратегијата на поранешниот американски министер за одбрана Доналд Рамсфелд ја нарече „интелектуален банкрот„. Причината за сегашната ситуација во Ирак е решението на Вашингтон да не испрати доволно војници и да не ги провери повоените сценарија на министерството за надворешни работи. Во интервју за ЦНН, Џексон ја објасни својата критика:

„Американците сметаа дека е доволно да употребат воена сила. Победи и замини. Меѓутоа, не е толку едноставно. Мислам дека тоа го сфативме, и мислам дека и Американците разбраа дека тој пристап не функционира во таква комплексна ситуација каква што имаме во Ирак.

Сличен став имаат и британските опозициони политичари, меѓу нив и Маколм Рифкин, поранешен министер за надворешни работи и одбрана:

„Ако нашата влада порано ја одбиеше лудата политика што ја водеше Рамсфелд по налог на Џорџ Буш, тогаш ќе беше изнудена промена на политиката, па во изминатите три години ќе загинеа помалку Американци, Британци и Ирачани„, изјави Рифкин.