По Трамп- популистичко цунами и се заканува на Европа

Победата на Трамп на претседателските избори во САД би можела да ја отвори „Пандорината кутија“ на популизмот низ Европа. Италија, Холандија, Германија и Франција се особено на удар.

Во мај годинава, кога неверојатната победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД делуваше како најдалечната од сите можности, висок европски функционер на Твитер предупреди од „хорор сценарио“. Замислете, напиша Мартин Селмајер шефот на кабинет на претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, доколку наместо Барак Обама, Франсоа Оланд, Дејвид Камерон и Матео Ренци, следната година на состанокот на Г7 (седумте најразвиени земји во светот) дојдат Трамп, Марин Ле Пен, Борис Џонсон и Бепе Грило. 

Еден месец подоцна, Британија го шокираше светот откако изгласа напуштање на Европската Унија. Камерон поднесе оставка, а лидерот на про-Брегзит кампањата, Борис Џонсон стана министер за надворешни работи.

Сега, по триумфот на Трамп над Хилари Клинтон, популистичкото цунами кое делуваше малку веројатно до пред неколку месеци станува реалност, а последиците за европскиот политички пејсаж можат да бидат огромни. 

Трамп: популист, могул, претседател

Семејството, империјата

Во кругот на најмилите: Доналд Трамп со сопругата Меланија, ќерките Иванка и Тифани, неговите синови Ерик и Доналд јуниор, како и внуците Кај и Доналд јуниор III. Трите деца работат како заменици во „Империјата Трамп“.

Трамп: популист, могул, претседател

Неговиот татко: Фредерик јуниор

Почетниот капитал за своите бизниси Трамп го добил од својот татко Фредерик. Тој на почеток му подарил еден милион долари, а по смртта во 1999 на Доналд и неговите три останати деца им оставил во наследство имот од 400 милиони долари.

Трамп: популист, могул, претседател

Милијарди заработени со помош на марката Трамп

Трамп инвестира агресивно, постојано доживува неуспеси, но долгорочно има успешен биланс, на пример со Кулата Трамп во Њујорк. Својот имот Трамп денес го проценува на десет милијарди долари. Експертите сметаат дека пореална е третина од оваа сума.

Трамп: популист, могул, претседател

„Многу добар, многу паметен“

Тао го вели Трамп самиот за себе, додавајќи дека студирал на елитниот универзитет Вортон во Филаделфија, каде се стекнал со бечелор-диплома во 1968. година.

Трамп: популист, могул, претседател

Капетан Трамп

Претходно неговиот татко го испратил 13-годишниот Доналд во воен интернат во Корнвол за да учи диспциплина. На крајот на школувањето се стекнал дури и со офицерски чин.

Трамп: популист, могул, претседател

Со коскен шилец избегнат ангажман во Виетнам

Трамп меѓутоа успеал да избегне учество во војната во Виетнам. Спортскиот млад човек бил прогласен за неспособен за војска поради коскен шилец во петицата.

Трамп: популист, могул, претседател

Првата сопруга: Ивана

Во 1977 година Трамп се ожени со чешката манекенка Ивана Зелничкова. Три деца се родени во бракот кој постојано беше во сенка на гласините за различни афери.

Трамп: популист, могул, претседател

Семејство број два

Во 1990 година Трамп се разведе од Ивана и се ожени со својата втора сопруга, 17 години помладата Марла. Заедничката ќерка се вика Тифани.

Трамп: популист, могул, претседател

Девојки, девојки

Трамп не се покажуваше радо во јавноста само со својата жена, туку милуваше да се фотографира опкружен со „мисици“ од различни избори на убавици. Од 1996 до 2015 година тој беше главниот спонзор на изборот за Мис универзум во САД.

Трамп: популист, могул, претседател

Како се прават пари

Како брзо да се заработат милиони? Книгата на Трамп „Начинот на склучување зделки“ дава упатства, таа е делумно автобиографска, делумно советник за амбициозни бизнисмени. Ова дело на Трамп не само што стана бестселер, туку и го стави авторот во фокусот на вниманието на јавноста.

Трамп: популист, могул, претседател

Трамп во политиката

Трамп настапуваше во свое ТВ-шоу, се појавуваше пред камери, но со политика не се занимаваше. Но, на 16 јуни 2015 година најави учество во трката за избор на републикански претседателски кандидат. Неговиот слоган е „Да ја направиме Америка повторно голема“. Кампањата ја водеше со настапи со семејството и со навреди кон доселениците, муслиманите, жените и своите конкуренти.

Трамп: популист, могул, претседател

Функција со достоинство

Дали популистот и шоумен сега ќе се претвори во предводник на слободниот свет?Многумина тоа не можат да си го замислат. Но, животниот пат на Доналд Трамп покажува: овој човек располага со преобразувачка способност на камелеон.

Во 2017, гласачите во Холандија, Франција и Германија, а веројатно и во Италија и Британија- ќе гласаат на избори по триумфот на Трамп и Брегзит, и отровната политика која ги следеше овие кампањи.

Лекциите нема да останат незабележани од популистичките партии во континентална Европа кои ја поздравија победата на Трамп како удар за политичкиот мејнстрим.

„Денес САД, утре Франција“, порача на Твитер основачот на францускиот Фронт Насионал, Жан-Мари Ле Пен- татко на Марин Ле Пен.

Даниела Шварцер, директор за истражвуања на Германскиот совет за надворешни односи, вели дека тактиката „подигната тупаница“ на Трамп веќе станува модел и за популистичките европски партии во претстојните кампањи.

Норберт Хофер и Марин Ле Пен

„Разбиените табуа, размерите на политичкиот конфликт, агресијата која ја видовме кај Трамп, тоа може да го прошири обемот на она што е прифатливо во нашата политичка култура“, вели Шварцер.

Големо влијание

На почетокот на следниот месец, Австријците повторно ќе гласаат на претседателските избори, а Норберт Хофер може да стане првиот десно-радикален шеф на држава во Западна Европа од Втората Светска Војна наваму. 

Истиот ден, референдумот за уставните промени на кој премиерот Матео Ренци ја темели својата политичка иднина, би можел да го поремети политичкиот живот во Италија, и да го поттурне левичарското популистичко движење на Бепе Грило поблиску до власта.

Десничарски националисти веќе раководат со владите во Полска и Унгарија. Во Западна Европа, веројатно дека некој како Трамп би можел да ја преземе власта се чини далечна, во моментов.

Во парламентарните демократии во многу европски земји, традиционалните партии се здружија во коалиции со цел да се одбранат од популистите.

Но, лекцијата од Брегзит кажува дека партиите не мора да бидат во владата за да влијаат врз политичката дебата, вели Тина Фордам, главен политички аналитичар во „Сити“, наведувајќи ја британската анти-ЕУ Партија на независноста.

„УКИП мина лошо на изборите но имаше големо влијание врз политичката динамика во Британија“, вели Фордам. „Комбинацијата од Брегзит кампањата и Трамп апсолутно го сменија начинот на кој се водат кампањите“.

Како што опаѓа поддршката за традиционалните партии и се раѓаат нови политички движења, предизвикот за формирање коалиции и нивно одржување станува многу потешко.

Комбинацијата од Брегзит кампањата и Трамп апсолутно го сменија начинот на кој се водат кампањите, велат експертите

Во Шпанија, Маријано Рахој се врати на власт минатата недела дури по два неуспешни избори во кои гласачите ги отфрлија традиционалните партии и гласаа за двете нови, Подемос и Сиудаданос.

По 10 месеци политичко лимбо, Рахој сега предводи малцинска влада која ќе има проблем да изгласа закони, да имплементира реформи и да ги крпи дупките во шпанските јавни финансии.

Вирусот на политичката нестабилност следната година може да се прошири и во Холандија, каде радикално десната Партија на слободата на Герт Вилдерс е израмнета во анкетите со Либералите на премиерот Марк Руте.

Пресвртница

Во Франција, која има претседателски систем, шансите за победа на Марин Ле Пен, лидер на Фронт Насионал, се многу мали. Фаворит е Алан Жипе, 71-годишниот центрист со големо искуство во владата. Но анкетите покажуваат дека Ле Пен сепак ќе добие најмногу гласови во првиот круг на гласањето. Дури и доколку загуби во вториот круг, како што сугерираат анкетите, нејзиниот настап може да биде прифатен како пресвртен момент за десничарските партии во Европа. Успехот би можел да и даде на Ле Пен платформа од која би можела да се бори против реформите кои Жипе и неговите конзервативни ривали ги нудат.

Ангела Меркел

Во Германија, каде гласачите ќе се изјаснат следната есен, десничарските партии досега не успеваа да се наметнат во повоената ера поради темната историја со нацизмот, но и тоа се менува. Иако стара само три години, АФД (Алтернатива за Германија) стана моќна на национално ниво, конкурирајќи им на конзервативците на канцеларката Ангела Меркел, кои претрпеа серија порази на регионално ниво поради политиката кон бегалците. Меркел би можела на почетокот на следниот месец да најави дека ќе се натпреварува за четврти мандат, и доколку го стори тоа, најверојатно ќе победи. Но, нејзиното влијание е веќе намалено во земјата која е веројатно најдлабоко поделена во поствоената ера. Дури ни сестринската партија ЦСУ не сака да ја поддржи кандидатурата на Меркел. Нејзината единствена опција за останување на власт би можела да биде уште едно партнерство со традиционалниот ривал- Социјалдемократската партија. Таа ќе се соочи со охрабрена опозиција и речиси сигурен влез на АФД во Бундестагот.

„Големата стабилност на германскиот политички систем во повоената ера беше изградена врз двете големи умерени партии“, вели Шварцер. „Но доколку продолжи актуелниот тренд, дури ни 'големите коалиции' повеќе ќе ја немаат потребната поддршка“. 

Десницата маршира низ Европа

Унгарија: Фидес и Јобик

Национално-конзервативната партија на премиерот Виктор Орбан - Фидес, има апсолутно мнозинство во парламентот. Од 2010. тоа мнозинство Орбан го користи за потчинување на институциите и медиумите, и покрај протестите од странство. Десно од него е големоунгарскиот, неофашистички Јобик, трета партија според популарноста во Унгарија.

Десницата маршира низ Европа

Полска: Право и правда

Национално-конзервативната партија на Јарослав Качински на изборите минатата есен освои апсолутно мнозинство. Потоа уследи донесување закони кои ја ограничуваат независноста на Уставниот суд и на јавниот медиумски сервис. Десно од нив е движењето Кукиз15, на поранешниот рок музичар Павел Кукиз, кое освои околу 9 отсто од гласовите на изборите и се залага за подигнање ѕид кон Украина.

Десницата маршира низ Европа

Франција: Национален фронт

Жан-Мари Лепен ја основаше партијата уште во далечната 1972, но дури неговата ќерка Марин Лепен од неа направи најсилна политичка групација во Франција. Националниот фронт тврди дека Франција е загрозена од исламизација и се залага за заострување на казнената политика против криминалците од странско потекло.

Десницата маршира низ Европа

Холандија: Партија на слободата

Партијата на Герт Вилдерс веќе 10 години е во холандскиот парламент. Актуелните анкети покажуваат дека неговата Партија на слободата би добила преку 30 отсто од гласовите. Вилдерс бара излегување на Холандија од ЕУ и користи жестока антиисламска реторика.

Десницата маршира низ Европа

Австрија: Слободарска партија

Норберт Хофер е на пат да стане претседател на Австрија. Слободарската партија одамна е најсилната партија во Австрија, пред социјалдемократите и конзервативците. Многу Австријци со задоволство би го виделе партискиот шеф Ханс-Кристијан Штрахе како канцелар. Партијата е скептична кон ЕУ, ја подгрева атмосферата против странците и бегалците. Мото: Австрија пред сѐ!

Десницата маршира низ Европа

Велика Британија: УКИП

Лани, партијата на Најџел Фараж освои 13 проценти од гласовите, но поради мнозинскиот систем доби само едно пратеничко место. Од основањето во 1993 година целта е излегување на Британија од ЕУ. Се заговара и поостра контрола на доселувањето и намалување на социјалните трошоци за мигрантите низ отфрлање на „мултикултурализмот“ и „политичката коректност“.

Десницата маршира низ Европа

Италија: Северна Лига

Оваа десничарска партија во последните 30 години повеќе пати беше дел од владејачката коалиција, но по корупцискиот скандал во 2012 година одвај го мина цензусот. По избувнувањето на бегалската криза, партискиот лидер Матео Салвини поттикнува ксенофобија против странците, па партијата сега има поддршка од 14 проценти. Една од целите е и отцепување на богатиот север на Италија.

Десницата маршира низ Европа

Грција: Златна зора

Екстремните десничари на минатите избори освоија 7 отсто од гласовите. До почетокот на финансиската криза во 2009 година беа целосно безначајна групација. Но, двојната криза со бегалскиот бран и големата невработеност им донесе раст на популарноста. Против речиси целиот партиски врв се водат судски постапки за основање на криминална организација.

Десницата маршира низ Европа

Шведска: Шведски демократи

Големиот бран бегалци во Шведска придонесе за раст на популарноста на оваа партија, која во моментов е на трето место, зад социјалдемократите и конзервативците. Според анкетите, партијата има поддршка од 17,7 отсто граѓани. Групата е национално ориентирана и критична кон ЕУ и САД. Се залага за „хомогено општество“ и против „мултикултурни експерименти“.

Десницата маршира низ Европа

Србија: Српска радикална партија

Војислав Шешељ уште од 1990-те се залага за Голема Србија на сметка на соседите и ја пропагира четничката идеологија. По ослободителната пресуда во Хаг, радикалите на Шешељ освоија 8 отсто од гласовите на изборите во Србија. Во партијата „Двери“ тие добија парламентарна конкуренција во крајната десница.

Следете нѐ