1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

30 Jahre CEDAW

18 декември 2009

На 18 декември 1979 година, Генералното собрание на ОН ја усвои повелбата за сузбивање на секоја форма на полова дискриминација. Дали со оваа повелба, 30 години потоа , нешто навистина се промени во положбата на жените?

https://p.dw.com/p/L6WQ
Жените во Иран и натаму преку демонстрации мораат да бараат повеќе права

Напредок во образованието во Мадагаскар - поголем број девојчиња сега одат на училиште. Напредок и во Јемен - владата одлучи петнаесет проценти од парламентарните седишта да им припаѓаат на жените. Во Шведска, пак, буџетот за спроведувањето на политиката за изедначување на половите од 2007 година е зголемен за десетпати. Од Киргизија се бара да направи повеќе околу таканареченото киднапирање невести, со што жените се наведуваат на принудни бракови.

Промена на свеста

Комисијата на ОН за сузбивање на половата дискриминацијата детално ги прегледува извештаите од секоја земја-потписничка на договорот и бара можности како нешто да се подобри. Преку законски реформи, програми за поттикнување на жените и преку културни промени. „Комисијата на ОН за сузбивање на половата дискриминацијата се одликува по тоа што од земјите-потписнички бара да ги модифицираат или сосема да ги отстранат сите традиционални обичаи, претстави, односи, мислења и практики што ја истакнуваат наводната надмоќност на мажот и наводната помала вредност на жената. Тоа подразбира промена на свеста, но и промена на институциите.“

Вака смета Беате Шеп Шилинг, активистка за женските права и долгогодишна претседателка на Комисијата на ОН за сузбивање на половата дискриминацијата. Спогодбата на ОН во меѓувреме ја потпишаа186 држави.

Symbolbild Buch Frau Marokko
Мароко беше првата арапска земја, која внесе темелни промени во семејното право.Фотографија: DW-Montage

Одлучувачкиот поттик во работата Комисијaта го доби на Виенската конференција за човековите права во 1992 година. Првпат беше изречно признато дека човековите права на жените и девојчињата се универзален, неделлив и неповредлив дел од човековите права. Беше тематизирано семејството како место на можните повреди на човековите права. Се бараше од ОН да ги интегрира правата на жените во сите активности.

Неколку години подоцна, по четвртата Светска конференција на ОН посветена на жените во Пекинг, невладините организации повторно донесоа придвижување во работата на Комисијата. „Против-извештајот на официјалниот извештај, што го доставуваа владите, им даде на жените можност да го критикуваат официјалното претставување на положбата на жените во земјата. Јужноафриканската република беше првата земја во која феминистичкот движење во 1998 година изготви сопствен извештај за состојбата на жените, што беше разгледан од Комисијата на ОН за сузбивање на половата дискриминацијата и наиде на големи пофалби. Потоа и јужноафриканската влада согледа колку се битни ваквите извештаи, кои ги изработуваат женските движења.“ Ова го вели Еапен Паул, норвешка правобранителка за полова еднаквост и директорка на Програмата за развој на норвешката црква.

Дискриминацијата и натаму реалност за многу жени ширум светот

Türkei, Menschenrechte, Frauenrechte, Ehrenmord
Фотографија: AP

Дури и во земјите, кои сакаат на шаријата да и` дадат поголема предност пред правата на жените, се бележи некаква промена во општеството, појаснува професорот Малика Бенради, активистка за женските права од Рабат. Мароко беше првата арапска земја, која внесе темелни промени во семејното право. „Во секој случај, во моментов имаме многу отворени прашања околу реформата на законодавната книга. Нашата цел е во неа да бидат внесени како казниви сите форми на насилство и сексуално малтретирање на жената во рамките на брачниот живот. Ова е една од формите на дискриминација што беше критикувана од Комисијата на ОН за сузбивање на половата дискриминацијата“, вели Бенради.

Доколку државата не стори ништо, тогаш постои таканаречениот факултативен протокол, кој и` дава можност на секоја жена да покрене жалба пред судските органи на ОН. Меѓутоа, претходно случајот на дискриминација мора да помине низ сите државни судови. Ова досега ретко се случува, бидејќи спогодбата за недискриминација на жените на ОН е се` уште малку позната. Така и триесет години откако Генералното собрание на ОН ја усвои оваа конвенција, половата дискриминација за многу жени ширум светот е секојдневна реалност.

Автор: Улрике Маст-Киршнинг / Трајче Тосев

Редактор: Александра Трајковска