1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правосудство: Хаос, или креирана перцепција за хаос?

28 јануари 2020

Дали е возможно да се спроведе стручна дебата, без таа да биде засената од актуелни „пикантерии“ кои создаваат слика дека во правосудството владее хаос?

https://p.dw.com/p/3Wu2U
Nord-Mazedonien Skopje Justizministerium
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата - е темата на која денес во Собранието ќе се одржи јавна расправа. На дебатата се поканети Републичкиот јавен обвинител, претседателот на Советот на обвинители, актуелни обвинители, професори и правни експерти. Дебатата се организира во време кога власта се надева дека ќе обезбеди 80 гласа за усвојување на предлогот на закон за Јавното обвинителство. Но, по вчерашното сведочење на обвинителката Лиле Стефанова во случајот „Рекет“ и серијата реакции што тоа ги предизвика, во јавноста се отвораат дилеми - дали е возможно да се спроведе стручна дебата, без таа да биде засената од актуелни „пикантерии“ кои создаваат слика дека во правосудството владее хаос?

„Не верувам дека каква било дебата или системско решение во моментов може да ги подобри состојбите. Граѓаните не знаат дали тоа што го слушаат е вистинска слика за правосудството, или се работи за креирање на таква слика за други цели. И не е во прашање само сомнеж во кредибилноста на дел од правораздавачите. Некои процеси се излеани надвор од надлежните институции. Документи од истражни постапки кои се тајни осамнуваат во домашни и странски медиуми, протекуваат од надлежните институции на чуден и несанкциониран начин. Процесите потоа да се префрлат ‘на судење' на улица, по социјални медиуми... Случајно или со намера?", прашува поранешен судија.

Адвокати, судии, обвинители, не сакаат јавно да зборуваат за состојбата. Велат, фрапирани се од крајот на вчерашното рочиште за „Рекет“. Алузијата се однесува на зборовите со кои поранешната специјална обвинителка Катица Јанева ја „почести“ довчерашната колешка Лиле Стефанова („гомнарке", „ороспијо една",  „...оти мачето ѝ го возев, затоа не чинам“).

„Јавноста цел ден се занимава со дешифрирање на изјавата за мачката - дали била спомната во буквална или преносна смисла. А од друга страна, очекувањата се за стручна дебата и за професионални институции“, коментира адвокат.

Nord-Mazedonien Prozess "Reket", Gerichtssaal in Skopje
Адвокати, судии, обвинители, не сакаат јавно да зборуваат за состојбата и велат дека се фрапирани од крајот на вчерашното рочиште за „Рекет“ (фото: обвинетата Јанева десно)Фотографија: DW/P. Stojanovski

Нов фронт за пресметка

Она што привлече најмногу внимание е сведочењето на Стефанова дека судијката Добрила Кацарска била една од оние кои ургирале на бизнисменот Камчев да му биде укинат притворот во случајот „Империја“. Кацарска изјави дека е згрозена од сведочењето и откако ќе го проучи - ќе одлучи дали ќе тужи за клевета, доколку се исполнети условите за тоа.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека „Кацарска-судството денеска е целосно разобличено". Според партијата, сведочењето на Лиле Стефанова е аргумент кој Судскиот совет не смее да го игнорира и мора веднаш да отпочне постапка за разрешување на Кацарска.

„ВМРО ДПМНЕ го повикува Јавниот обвинител да не премолчува, да не замижува и да се прави слеп пред сите овие случаеви и пред очигледните злоупотреби и да отвори и кривична постапка против судијката Добрила Кацарска за злоупотребите на службената положба и овластувањата коишто ги има како судија“, повика на прес-конференција портпаролот на партијата Димче Арсовски.

По ваквите реакции, неизвесно е колку денешната дебата за „Јавното обвинителство како ефикасен орган во борба против корупцијата“, ќе остане во рамки на стручна расправа за потребни ефикасни решенија, без да се излее во вербални препукувања за актуелните случувања. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе бидат концентрирани на јавната расправа, а за сите останати чекори во однос на собраниските процедури (за предлог-законот за ЈО) јавноста дополнително ќе биде известена од страна на пратеничката група. Опозицијата повеќепати нагласи дека не се согласува со предложениот закон за ЈО. Викендов, по наводите на италијанскиот весник „Ла верита“ дека Обвинителството не покренало истрага за случај на поткуп на гласачи во 2014 година, во кој наводно е инволвиран Заев и уште неколку лица, од Обвинителството изјавија: „Кога немате докази, нема што да се процесуира до судот".

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Мицкоски: Оовинителство е чуварот на криминалите на актуелната властФотографија: DW/P. Stojanovski

Мицкоски, пак, обвини дека „Обвинителството уште еднаш ја зема улогата на заштитник на криминалот на власта".

„Сега е јасно дека обвинителство е чуварот на криминалите на актуелната власт. Да ги бројам ли, Рекет 1, Рекет 2, Рекет 3, Поткуп, Крвави тендери, Афера Кеш во СЈО, канабис милиони за власта…Слепилото пред криминалот на сегашното обвинителство може да се отстрани единствено со квалитетен закон за обвинителство. И пораз на Зоран Заев на следните избори. Сѐ дотогаш, разни Вилми и Јовевци ќе нѐ убедуваат во неубедливото“, обвини Мицкоски преку соопштение до јавноста.

Дескоска оптимист

Од друга страна, во владејачката СДСМ повторуваат дека сигналите од Европската унија се дека е добро да се донесе Законот за Јавно обвинителство. Членката на Извршниот одбор на СДСМ и министерка за правда, Рената Дескоска во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема" изјави дека смета оти е созреана свеста кај пратениците за важноста на законот.

„Ако имаме 80 пратеници ќе влеземе во собраниска процедура на носење на Законот. Според мене, созреана е свеста кај пратениците од важноста за носење на Законот за Јавно обвинителство. Иако овој Закон не е услов за нашата евроинтеграција, имаме можност да пратиме порака дека сме спремни да изградиме силни, независни капацитети кои ќе се справат со корупцијата", изјави Дескоска. 

Mazedonien Pressekonferenz der Regierung
ВМРО-ДПМНЕ на секој начин се обидува да ја опструира правдата и процесите што се во тек, вели Дескоска (на фотографијата во средина)Фотографија: DW/Petr Stojanovski

На прашањето дали ќе има законско решение Јавен обвинител да се избира на предлог на опозицијата, според Дескоска, тоа во сегашната поставеност не е возможно. 

„ВМРО-ДПМНЕ на секој начин се обидува да ја опструира правдата и процесите што се во тек. Нивно клучно барање е да ги нема случаите на СЈО. Недозволиво е луѓе кои се лично засегнати во судски предмети, да предлагаат свој обвинител и сами да се гонат за предметите, нив ги интересира само судбината на предметите на СЈО“, рече министерката.