1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Празник на сесловенството

2 јуни 2009

Во Јужна Германија живеат десетици илјади Македонци. Дел од нив и годинава се собраа во Елванген, малечкото живописно гратче кое го одбележува Денот на словенскиот просветител Свети Методиј.

https://p.dw.com/p/I1uI
Спомен плочата во ЕлвангенФотографија: DW

„Ова е исклучително интересен и важен настан за градот. Свети Методиј беше во заточеништво во Елванген. Значи, тука минал дел од животот: од пресудата во 870 се‘ до 872 година, кога заминал за Рим“, објаснува Инго Ебер, раководител на градскиот архив во Елванген, професор по средновековна историја на Универзитетот во Тибинген и долгогодишен креатор на прославата. Светителот тука се празнува од 1970 година, кога во чест на 1.100 годишнината од Синодот во Регенсбург се одржал голем конгрес на славистите. По тој повод, на плоштадот Методиј во Елванген, бил поставен мермерен релјеф за Свети Методиј од уметникот Ханс Шебеле. Неколку години подоцна, спомен-плоча постави Бугарија, во средината на деведесетите и Македонија, а најново е обележјето на Словачка и Чешка. Ебер вели дека и обичните граѓани на Елванген знаат за историјата и Свети Методиј. Тој подвлекува: „Да, го знаат Светирелот многу добро. Порано имаше и Здружение на Свети Методиј. Во центарот на градот има и винска визба која го носи името на Методиј и каде се насликани сцени од неговиот живот.

Botschafter Georgi Filipov und Oberbürgermeister Karl Hilsenbek
Градоначалникот на Елванген Карл Хилсенбек (десно) и македонскиот амбасадор во Германија Ѓорѓи Филипов (лево)Фотографија: DW

„Многу ни‘ е важно што Методиј го воведовме во училишната програма. Учениците треба да знаат дека тој бил кај нас во Елванген, и да знаат какво е неговото влијание. Ова, конкретно го поткрепуваме и со размена на нашите учениците со збратимениот град Тројан во Бугарија“, вели и градоначалникот Карл Хилсенбек.

Колку знаат децата на Македонците за Свети Методиј?

Убаво е што за Свети Методиј се учи на училиште и нормално е што за неговиот придонес за словенското и македонското писмо добро знаат и Македонците кои живеат тука. Даниела е само една од илјадниците Македонци од втората генарација родени во Германија. И самата е мајка и, како што вели, ја воспитува и третата генерација.

Kranzniederlegung vor den Gedenktafeln in Ellwangen
Македонската делегација полага венец пред спомен плочата на Свети МетодијФотографија: DW

Знаат ли и македонските деца за Свети Методиј? „Повеќе отколку ние“, вели Даниела, додавајќи дека бабите и дедовците ги учат внуците. Шестогодишниоит Рикардо Шуплиноски иако малку тешко, сепак многу амбициозно ја дополнува мајка си кажувајќи дека Методиј го открил писмото.

Бабите и дедовците, годинава, ги немаше во голем број на богослужбата во чест на Свети Методиј што се одржа во црквата во Елванген. Од Дизелдорф, чија црковна општина го носи и името на светителот, немаше официјалните претставници, за што Тони Неданов од црковната општина „Свети Димитриј“ од Ален, забележува:.„Кој сакаше дојде, кој не - не. Не може со сила никого да натераме. Од црковната општина го бојкотираа собирот. Тие го носат името и мислат дека треба да бидат организатори. Релинген е кај Ален и ние треба да ја организираме прославата. Заеднички тешко оди. Пробавме во минатите години, ама не функционираше.“

Die St. Methodius am Methodiusplatz in Ellwangen
Фотографија: DW

На македонските ора играат и Германците

Многумина, меѓутоа, пристигнаа на Семакедонскиот собир по повод Свети Методиј, кој е редовно прилика луѓет да се видат, провеселат. По интонирањето на македонската и германската химна, благословот на трпезата и кусите обраќања на македонските дипломати во Германија, луѓето се вплотија во музиката, македонската песна, винцето, добриот залак ...На Влашкото, Елено, Пајдушкото оро, играа сите - и старо и младо. Тука беа и Германците, Хелга Биркел и Филип Исла, кои се редовни гости на прославите и кои не преседоа на ниту едно оро. Велат ја посетиле и се вљубиле во Македонија и нејзиниот фолклор и традиција, за што Хелга подвлекува: Убаво е што во Македонија и танцувањето најдовме нешто што во нашата кулура е исчезнато. Кога празнуваат, луѓето пеат и танцуваат. Ова, за жал, во Германија го има многу ретко. А таму тоа живее. Може да се почувствува дека музиката и танцувањето се дел од животот, што е прекрасно!

Автор: Силвера Падори

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска