1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прашалник: Марина Кипхарт

14 октомври 2010
https://p.dw.com/p/PLt6
Фотографија: Kate Bowen

Име: Мартина Кипхарт

Возраст: 36 години

Родно место: Бохум

Брачна состојба: Немажена Деца: Нема

Занимање: Советничка за реклами / раководител на тим

Образование / обука: Матура, обука за асистентка за реклама, студии по комуникативни науки.

Како го започнувам денот? Прво одам под туш и гледам релативно бргу да се подготвам за во канцеларија. Во секој случај јадам нешто, бидејќи често не успевам да јадам цел ден.

Типично германски, според мене, е... Совесност, ред, умешност за управување, произведување многу хартија за ништо, но и искрени луѓе, коишто го кажуваат тоа што искрено го мислат.

Типично за мене е... Во секој случај не уредност! Совесност е добар збор за мене. Имам основно правило - кога ќе кажам нешто луѓето можат да се препуштат на тоа.

Мојата најдобра особина е... што релативно ретко ја губам храброста и сигурноста. Можам многу добро да поведам луѓе со мене.

Мојата најголема слабост е... Ако ја изгубам храброста, станувам нерасположена и нетрпелива. Се‘ на се‘, јас сум немирен тип.

Во слободното време најмногу сакам... со задоволство одам во мојата омилена кафеана. Не треба да помислите дека ми треба секој ден алкохол за да се смирам. Сакам да разговарам со луѓе, коишто немаат ништо со мојата работа, на коишто можам нешто да им раскажам: што било добро, а што лошо тој ден, и кои исто така можат мене да ми раскажат нешто. Понекогаш одам дома и седнувам на каучот, гледам телевизија или седнувам во мојот агол за читање и читам некоја книга.

Мое омилено јадење е... Тоа е тешко да се каже, сакам да јадам повеќе работи. Сепак, мислам дека се тестенини во секаква форма. Мајка ми сигурно би рекла ситни колачи. Ако долго време не сум и‘ била на гости, мајка ми треба да каже само „ситни колачи“ и јас веќе брзам кон нив.

Каква музика слушам? Сосема различно - од Мерилин Менсон до Моцарт. Кога возам кон работа, тогаш слушам поагресивна музика за да се разбудам. Кога се враќам дома, тогаш може да слушам и балади.

Би сакала да имам повеќе време за... читање и, секако, за мене, почнувајќи од домаќинството. Сабота е мојот стресен ден со програма на доживувања од видот на пеглање, одење на чевлар, до хемиско чистење и пазарување. Би сакала за овие нешта да имам повеќе време за да можам некое од нив да завршам во текот на неделата.

Кога мислам на иднината... и кога би можела нешто да си посакам, би сакала да имам повеќе време. Инаку, се‘ друго може да продолжи како досега.

Моето животно мото е... „Од каменот што ти лежи на патот можеш да направиш нешто убаво“. Тоа го кажал Ерих Кестнер. Јас го доживувам секој ден.

Автор: Кејт Бовен

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска