1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првата евровизиска десетка е позната

11 мај 2011

Кој вели дека полуфиналните вечери на Изборот за песна на Евровизија не можат да бидат еднакво возбудливи како и финалето? Она што вчеравечер (10.05) можеше да се види во Диселдорф зборува само за себе.

https://p.dw.com/p/11DYq
Фотографија: dapd

Десетте кандидати за финалето в сабота се познати. Славните пликови со имиња на земјите чии претставници се пласираат натаму ги замени графиката, но тоа ни малку не ја намали неизвесноста во последните минути од првото полуфинале на Евровизијата. Анке Енгелке, славната германска комичарка која го води шоуто заедно со Штефан Раб и Јудит Ракерс, прво изговори: „Србијааааа!“

Тоа не значи дека претставничката на Србија освоила најголем број гласови, но радоста беше неверојатна. Српската претставничка Нина, по прогласувањето на финалистите, на прес-конференција изјави:

Нина е пресреќна што нејзината песна ја води Србија во финалето
Нина е пресреќна што нејзината песна ја води Србија во финалетоФотографија: AP

„Тоа беше неверојатно чувство. Бевме многу возбудени, а по малку и исплашени. Беше навистина неверојатно кога прво нас не прочитаа како финалисти. Навистина прекрасно чувство.“

По Србија, како втора на листата на финалистите се најде Литванија, а потоа Грција, Азарбејџан и Грузија. Следуваше најголемото изненадување на вечерта, зашто Швајцарија успеа да се пласира натаму, а земјата не стигнала во финалето уште од 2006 година.

Пријатно изненадување е и пласманот на Унгарија. Потоа на списокот крајно очекувано се најдоа Русија и Финска, а на крајот следуваше уште еден шок, барем за гледачите од Албанија, Турција и Хрватска - за влез во финалето беше прочитан Исланд.

Деби со грешка

Десетте избрани нумери за финалето се различни до крајност - додека финскиот пејач Парадајс Оскар со „Да да дам“ има шармантен едноставен настап на момче со гитара, кое едноставно само свири и пее, Азарбејџан со Ел и Ники прикажува класичен дует, Грција има песна со фолклорни елементи, а Грузија има жестока рок нумера.

Водителското трио - Абнке Енгелке (л.), Штефан Раб и Јудит Ракерс
Водителското трио - Абнке Енгелке (л.), Штефан Раб и Јудит РакерсФотографија: AP

Што се однесува до организацијата на првото полуфинале во Диселдорф, оценките се дека бината е одлична, со извонредни светлечки ефекти, но затоа веќе на првата полуфинална вечер се случи проблем со преносот на тонот. Од пречките беа погодени не само германските коментатори, туку и други нивни колеги.

В четврток следува второто полуфинале, кога на ред е и македонскиот претставник Влатко Илиевски и неговата „Русинка“. Во финалето на Евровизијата, в сабота, ќе настапат претставниците на 25 земји. Покрај 20-те најуспешни во двете полуфиналиња, за првото место ќе се борат и германската претставничка Лена, како и претставниците на Велика Британија, Италија, Франција и Шпанија.

Автор: Јаков Леон / афп / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски