1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првенството може да почне

14 август 2009

Утре (15.08.09) во Берлин започнува најголемиот спортски настан во 2009 год. - Светското првенство во атлетика. Ќе настапат 2000 спортисти од повеќе од 200 земји. За организаторите, СП е огромен логистички предизвик.

https://p.dw.com/p/J9X1
Фотографија: AP

Организаторите вложија огромни напори за се` да тече како што треба на СП во атлетика. На и околу Олимпискиот стадион во Берлин течат последните подготовки за најголемиот спортски настан во светот, годинава. На почетокот на првенството мора се` да функционира перфектно. Кога станува збор за организација на големи настани, Германците се светски авторитет. Да се потсетиме само на фудбалскиот Мундијал во 2006 година.

Мамутски проект

Спортскиот настан на годината е вистински предизвик не само за атлетичарите. Седумдесетчлениот тим за организација на првенството планираше цели четири години, а по теоријата следуваше и праксата:

Maskottchen Leichtathletik WM in Berlin
Маскотата на првенствотоФотографија: DW / Boettcher

„Секако дека секогаш постои јаз меѓу теоријата и праксата. Има некои работи кои не можевме да ги спроведеме онака како што ги замисливме. Но, секогаш наоѓавме решенија и затоа сме задоволни со она што го постигнавме и она што тука ќе можат да го видат гледачите“, вели Штефан Тис, медиумски директор во тимот за организација на СП во атлетика.

На почетокот на неделава, беше направен последниот голем чекор. Петнаесет камиони ја донесоа во Олимпискиот стадион во Берлин целокупната опрема и високосензибилната техника која доаѓа со тоа.

Стартните блокови беа поставени на нивните позиции, беше растегната мрежа за фрлање на диск и пречките беа распоредени на патеката. И колку повеќе наближува отворањето на првенството, толку повеќе се зголемува напнатоста.

За првпат ТВ-преноси во ХД-технологија

Надвор од стадионот се опремува и медиумскиот центар. Само во олимписката арена, пак, се монтирани 120 телевизиски камери, а уште десетици во центарот на Берлин ќе бидат искористени за преносите на маратонските трки. Атлетските возбудувања ќе бидат пренесувани преку малиот екран во сите делови на светот, и тоа за првпат со помош на ХДТВ, најмодерната дигитална техника во светот.

Medaillen der Leichtathletik-Weltmeisterschaft
Медалите што ќе бидат доделувани во БерлинФотографија: DPA

„Па да, тоа е нова област за нас и мораме еднаш да зачекориме и за почеток - да се снајдеме. И многу сме возбудени како тоа ќе успее во техничка смисла и пред се` како ќе биде прифатено од гледачите“ , вели раководителот на спортската програма на вториот канал на германскиот јавен телевизиски сервис, ЦДФ.

На светското првенство во Берлин околу две илјади атлетичари од двесте земји ќе се борат за медали, секогаш следени од 3.500 новинари од пишуваните и аудио-визуелните медиуми. Светското првенство во атлетика ќе биде пренесувано во живо во преку 190 земји ширум светот, а организаторите очекуваат вкупно шест милијарди гледачи.

Автор: Томас Клајн / Симе Недевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска