1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Првиот германски геноцид - соочување да, отштета не

Даниел Пелц
31 јули 2018

Суд во Њујорк денеска (31.07.) одлучува дали ќе се прогласи за надлежен за тужбите на припадниците на народите Хереро и Нама. Тие бараат репарации за злосторствата на германските колонијални сили во Намибија.

https://p.dw.com/p/32MKO
Deutsch-Südwestafrika Vertrag zwischen Leutwein u. Herero Maharero
Германски војници и Хереро-претставници во 1895 година, во тогашната колонија „Германска Југозападна Африка“Фотографија: picture-alliance/akg-images

„Хереро веќе не се германски поданици (...) Во рамките на германските граници секој Хереро - со или без оружје, со или без добиток - ќе биде стрелан. Повеќе не примам жени и деца, протерајте ги назад кај нивниот народ и дозволете да се пука и врз нив“. Ова е наредбата на генерал-полковникот Лотар фон Трота, кој во 1904 година беше испратен да го задуши бунтот во колонијата, која официјално се нарекуваше Германска Југозападна Африка и се наоѓаше на подрачјето на денешна Намибија. Трота експлицитно рекол дека е неопходно да се „уништи нацијата како таква“ и во тоа имал поддршка од царот Вилхелм Втори.

Германија забошотува што може

Припадниците на народите Хереро и Нама, кои се придружија на востанието, систематски беа отсекувани од изворите на вода, убивани, изгладнувани во концентрациони логори и исцрпувани со физичка работа. Така биле убиени околу 100 илјади луѓе. Ова злосторство се смета за прв геноцид во 20 век.

Срамната епизода во својата историја Германија долго одбиваше да ја нарече со вистинското име. Ниту денес тоа не го прави јасно и гласно, инсистирајќи на тоа дека за геноцид можат да бидат прогласени само масакри сторени откако во сила има стапено Конвенцијата на ОН за геноцид од 1951 година.

Deutsch-Südwestafrika Massaker deutscher Truppen an Hereros 1904
Германски трупи пред да тргнат во борба против Хереро-бунтовниците во 1904 година (архива) Фотографија: picture alliance/dpa/F. Rohrmann

Повеќе на темата:

-Германија- брутална колонијална сила

-Хереро и Нама ја тужат Германија за колонијален геноцид

-Германија мора да се извини за геноцидот во Намибиjа

Но, во 2016 година во еден официјален документ на берлинското Министерство за надворешни работи наведено е дека злосторството во Намибија може да биде наречено геноцид. Владата појасни дека тука станува збор за поим во „историско-политичката дебата“, но не и во „правна смисла“.

Намибија, така до денешен ден нема добиено никаква отштета. За тоа владите на Германија и Намибија водеа тајни разговори. Повеќето медиуми во африканската земја затоа повеќе шпекулираа отколку што пренесуваа сигурни информации. Така, тие пишуваат дека Намибија ќе се одрекне од барањата за репарации поради геноцидот, а Германија за возврат ќе ѝ исплатува високи суми на земјата за развојна помош. Двете влади ги демантираа ваквите пишувања.

На амбасадорот му дојде преку глава

Денес не е воопшто пријатно да се биде германски амбасадор во Намибија. На оваа функција во моментов е Кристијан Шлага, кој е во дипломатски мисии веќе 30 години (меѓу другото, тој беше амбасадор и во САД и во Португалија), и кој пред неколку недели, со нималку дипломатски речник, пренесе дека сѐ почесто е цел на вербални напади, дека го навредуваат и го нарекуваат со погрдни имиња и оти тоа веќе станало неподносливо.

Berlin Kolonialgeschichte Afrika
Активисти бараат официјално извинување на Германија за геноцидот во НамибијаФотографија: Imago/IPON

Гневот во Виндхук, главниот град на Намибија, може полесно да се разбере ако се има предвид тоа дека Намибија од официјален Берлин до денес не добила ниту извинување поради геноцидот, а да не зборуваме за отштета.

„Народот го губи трпението“, вели Максимилијан Вејлант од намибискиот Институт за истражување на јавната политика. „По повеќе од две години преговори и натаму нема резултати, а некои луѓе се прашуваат дали Германија навистина преговара со добра волја и дали навистина е подготвена да сослуша какви се потребите на Намибијците“, додава Вејлант. Според последните анкети, две третини од Намибијците бараат Германија да плати отштета.

Племенските старешини вршат притисок

Притоа анкетата на споменатиот институт покажува дека помалку од 50 насто од испитаните граѓани се задоволни од начинот на кој нивната влада ги води преговорите - иако за тие преговори може да дознаат само несигурни информации од медиумите или опозицијата.

Традиционалните старешини на народите Хереро и нама сметаат дека владата во Виндхук е премногу мека кон Берлин. Овие старешини не учествуваат во преговорите и затоа би сакале за ова учество да се изборат по судски пат. За тоа ќе одлучува судот во Њујорк. Германија вложи приговор на барањето на племенските старешини.

Deutsch-Südwestafrika Zeichnung Hererokrieg Hereroaufstand
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Предводникот на германскиот преговарачки тим, демохристијанскиот политичар Рупрехт Поленц, изјави дека е во интерес на германската влада да ги заврши преговорите, но признава оти е и важно резултатите од преговорите да ги прифати не само намибиската влада, туку и народот.

Тој пренесува  дека е ангажирана и посебна работна група со задача да го формулира германското извинување и да планира проекти, кои ќе им бидат понудени посебно на погодените групи на население.