1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Првомајски безредија во Истанбул

ЕМФ /агенции
1 мај 2017

На првомајските протести во Истанбул дојде до насилни судири со турската полиција. Голем број демонстранти се уапсени. За 1 мај се демонстрира ширум светот.

https://p.dw.com/p/2cBia
Türkei 1. Mai Demonstration in Istanbul
Фотографија: Reuters/M. Sezer

Турската полиција употреби солзавец против демонстрантите во истанбулскиот кварт Меџдиекој кои сакаа да маршираат до централниот плоштад Таксим. Демонстрантите отворија банер на којшто пишуваше „Да живее 1 мај. Не за диктаторот“. Властите, исто како и во претходните години, забранија собири за 1 мај на плоштадот Таксим. Дозвола за куса изјава на плоштадот добија само синдикатите блиски до власта.

Синдикалците и критичарите на власта годинава се собраа мирно во квартот Бакиркој, за што добија дозвола од властите. Областа околу плоштадот Таксим е блокирана. Според наводи на новинската агенција Анадолу, ангажирани се околу 30.000 полицајци со водени топови и автобуси за транспорт на уапсени. Според властите, уапсени се 207 лица, а запленети биле и рачни гранати, молотови коктели и пиротехнички материјали.

Türkei 1. Mai Demonstration in Istanbul
Во Истанбул се ангажирани илјадници полицајциФотографија: Reuters/H. Aldemir

За синдикатите во Турција плоштадот Таксим има посебно значење. На 1 мај 1977 година тука снајперисти отворија оган врз протестен собир на околу половина милион луѓе. Притоа загинаа најмалку 34 лица. До денес остана нејасно кои се извршителите.

Меѓународни протести

Во Грција синдикатите за денеска повикаа на 24-часовен штрајк и демонстрации. Во знак на протест поради кратењето на платите и пензиите кое трае веќе 7 години, денеска е запрен приморскиот сообраќај, штрајкуваат возачите во градскиот сообраќај, а не работи ниту железницата.

Deutschland Tag der Arbeit in Gelsenkirchen
Германските синдикати на Денот на трудот демонстрираат под мотото „Ние сме многу. Ние сме едно“Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Fassbender

Демонстрации за 1 мај се најавени и во Венецуела. Претседателот Николас Мадуро вчера најави зголемување на минималната плата за 60%. Во главниот град Каракас со денови има масовни протести против социјалистичката влада. Во судирите со безбедносните сили и приватните милиции досега загинаа повеќе од 30 луѓе.

Во Германија синдикатите денеска демонстрираат под мотото „Ние сме многу. Ние сме едно“. На главниот собир во Гелзенкирхен Сојузот на германските синдикати (ДФБ) се изјасни против ниските плати. Седум милиони луѓе во Германија работат во секторот на ниски примања и заработуваат помалку од 9,60 евра на час, изјави шефот на ДГБ Рајнер Хофман. „Тоа веќе нема да го трпиме“, изјави Хофман.