1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прв попис во БиХ по војната

Самир Хусеиновиќ / Елизабета М. Фиданоска1 октомври 2013

Од 1 до 15 октомври во БиХ се спроведува попис на населението, прв од стекнувањето независност на земјата. Првите резултати ќе бидат објавени во рок од 90 дена, а целосните статистички податоци до средината на 2016 год.

https://p.dw.com/p/19s2W
Фотографија: DW/S. Huseinovic

Колку жители има Босна и Херцеговина? Според податоците на државната Агенција за статистика, БиХ има 3.839.737 жители. ЕВРОСТАТ наведува дека во БиХ живеат 3.843.000 граѓани. Кога ќе се соберат податоците на ентитетските заводи за статистика, се доаѓа до број од 3.771.038 жители, додека американската тајна служба ЦИА проценува дека во БиХ живеат 4.600.000 луѓе. Точниот одговор на прашањето околу бројот на населението треба да го даде пописот, за чие спроведување е надлежнна Агенцијата за статистика на БиХ.

Главниот методолог на Агенцијата, Нора Селимовиќ, објаснува дека учествувањето во пописот е законска обврска на секој граѓанин и дека оние што ќе одбијат да бидат попишани, можат да очекуваат покренување судска постапка. Со пописот треба да бидат опфатени сите лица населени во БиХ подолго од една година, а испитаниците се должни да одговорат на сите прашања, освен оние кои се однесуваат на верската и етничката, односно националната припадност. „Нам ни се потребни податоци за тоа колку сме стари, колку сме образувани, дали работиме, каде и како живееме, дали имаме струја и вода итн.“, вели Селимовиќ.

Демографски и социјални податоци

Вообичаено е податоците добиени на пописот на населението да се споредуваат со податоците собрани на претходните пописи. Во случајот на БиХ овој континуитет е тешко да се следи, поради прекинот од 22 години.

Karte Teilrepubliken Bosnien-Herzegowina bosnisch
Фотографија: DW

„Пописот во БиХ има повеќекратно значење, посебно поради воените случувања“, вели за Дојче веле поранешниот директор на Заводот за статистика на БиХ, д-р Хасан Золиќ. „Претстојниот попис ќе покаже дека во БиХ живеат помалку луѓе отколку во времето на пописот од 1991 година. Според моја проценка, тој број ќе изнесува меѓу 3,8 и 3,9 милиони жители. Ќе дојде и до промена во етничката структура. Бошњаците и натаму ќе бидат најбројни, иако ќе ги има помалку отколку во 1991 година. Бројот на Хрватите ќе биде значително понизок во однос на претходниот попис, но и бројот на Србите, наспроти доселувањето од Република Хрватска“, вели Золиќ.

Според него, резултатите од пописот ќе покажат и дека „етничката слика на БиХ веќе не е толку шарена каква што беше до војната 1992-1995 година“. „Предвоена Босна имаше 109 општини, а само пет или шест беа етнички чисти. По овој попис ќе стане јасно дека дошло до поместување на населението, односно до групирање на Бошњаците, Хрватите и Србите“, нагласува Золиќ.

Hasan Zolić Demograf Bosnien-Herzegowina
Хасан ЗолиќФотографија: DW/S. Huseinović

Додека во мнозинството други држави пописот се користи за истражување и планирање на развојот, во БиХ пописот е примарно политичко прашање. Некои политички партии сметаа дека примената на резултатите од новиот попис без суштинско спроведување на враќањето на бегалците и прогонетите лица, претставува „легализација на ентичкото чистење“. Други заговараа спроведување на пописот само на еден дел од БиХ.

Идентитетски прашања

Во периодот на усвојување на Законот за попис, најмногу внимание предизвикуваа т.н. идентитетски прашања, кои се однесуваат на етничката, односно националната припадност, вероисповедта и јазикот. Нора Селимовиќ потсетува дека при изјаснувањето за етнокултурните карактеристики попишувачот не смее да влијае врз одговорите. „Кога е во прашање изјаснувањето на испитаниците за етничката или верската припадност, како и за мајчиниот јазик, напоменуваме дека попишувачот мора да впише точно онаков одговор каков што дава испитаникот. Ако тој тврди дека е ’марсовец’, тогаш должност на попишувачот е тоа и да го впише“, нагласува Нора Селимовиќ, главен методолог на Агенцијата за статистика на БиХ.

Formular Volkszählung 2013 Bosnien-Herzegowina
Фотографија: Agencija za statistiku BiH

Во наредните две недели 18.879 овластени попишувачи би требало да ги посетат сите домаќинства во БиХ и да направат интервјуа со граѓаните. Законот за попис овозможува и попис на дијапсората, но тие нема да се водат како жители на БиХ доколку повеќе од една година живеат надвор од земјата. Пописот во БиХ ќе го надгледуваат стручњаци за попис и набљудувачи од земјите членки на ЕУ. Тие, при обиколката на терен, сами или заедно со попишувачите, ќе утврдат дали пописот се одвива во согласност со прописите на ЕУ и на ОН.