1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140911 Terrorismus Belarus

15 септември 2011

Од денеска пред судот во Минск стојат двајца Белоруси обвинети за извршување повеќе атентати во земјата. Мотивите се’ уште не се познати, а во јавноста се шири недоверба во правосудниот систем.

https://p.dw.com/p/12ZZp
Претседателот на Белорусија, Александар ЛукашенкоФотографија: picture alliance/dpa

Дмитриј Коновалов и Владислав Коваљов стојат под обвинение дека го извршиле бомбашкиот напад во метрото на главниот град Минкс на 11 април 2011. Од бомбата што експлодира во време на вечерниот шпиц животот го загубија 15 лица, а преку 300 беа повредени. Само два дена подоцна претседателот на државата Александар Лукашенко порача дека биле уапсени две осомничени лица, кои наводно сами ја конструирале експлозивната направа и сместена во спортска чанта ја ставиле под седиштето на еден од возовите во метрото.

Двајцата осомничени се голема непознаница за белоруската јавност. Особено ништо не е познато за можните мотиви за атентатот. Јавното обвинителство соопшти само дека обвинетите се бранат со молчење, а попусти беа и сите обиди на новинарите да добијат некаков одговор.

Trauer nach Anschlag in Minsk
Цвеќе и свеќи за жртвите на атентатот во метрото во април годинаваФотографија: picture alliance/dpa

Двајцата 25-годишници се сметаат за одговорни и за бомбашките напади во Витебск на 14 и 22 септември 2005 година, како и за атентатот во Минск на 4 јули 2008, кога се славеше денот на независноста. Според јавниот обвинител тие дејствувале сами и нема никакви индиции дека работеле по нечиј налог.

Инструментализиран атентат

Во времето кога се случи атентатот во метрото во април годинава, во белоруските затвори имаше повеќе десетици опозиционери, кои наводно се овиделе да организираат нереди за време на претседателските избори од 19 декември 2010. Против реизборот на Александар Лукашенко тогаш протестираа повеќе илјади лица, тврдејќи дека изборите не биле регуларни. Протестите беа задушени со полициско насилство, а уапсени беа неколку стотици лица, меѓу нив и кандидатите за претседател од редовите на опозицијата.

По атентатот силите за безбедност уште повеќе го заострија прогонот на политичките неистомисленици на претседателот Лукашенко. Експертот за политички прашања Александр Класковскиј смета дека власта го искористила бомбашкиот напад како изговор за засилени репресалии. „Ситуацијата не ескалира уште повеќе само затоа што се дозна дека едниот од осомничените не бил член на опозицискиот Младински фронт, туку токму на државниот Сојуз на млади“, појаснува политикологот Класковскиј.

Belarus Weißrussland Minsk Protest Lukaschenko Demonstration
Полицајци во цивил апсат учесници на мирните протести против реизборот на ЛукашенкоФотографија: picture alliance/dpa

Недоверба во правосудниот систем

Поради напнатата внатрешно-политичка ситуација во Белорусија процесот против двајцата осомничени атентатори привлекува големо внимание. Познавачите на приликите се сомневаат дека навистина ќе се расветли целиот случај. Луѓето ионака не му веруваат на белоруското правосудство, нагласува политикологот Јуриј Чаусов. Така минатата година властите користеле лажни сведоци за да осудат политички противници. Затоа и овој процес повеќе граѓани ќе го сметаат за монтиран и тоа со погрешни осомничени лица, проценува Чаусов.

Владимир Лобкович од Центарот за човекови права „Весна“ посочува дека до сега никој во Белорусија не одговарал за тероризам. Тој вели дека може само да се надева дека судскиот процес ќе биде транспранетен и дека на крајот ќе се открие дали двајцата осомничени навистина се одговорни за атентатот во метрото. Според законот во земјата, тие би можеле да бидат осудени и на смрт со стрелање.

Автор: Артур Смирнов/ Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска