1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пребројувањето на гласовите во САД започна во Висконсин

Дамбах Каи Бак
2 декември 2016

Американската сојузна држава Висконсин почна со пребројување на речиси 3 милиони гласови од претседателски избори. Наскоро е можно пребројување на гласовите и во сојузните држави Мичиген и Пенсилванија.

https://p.dw.com/p/2TcTD
USA Präsidentschftswahl 2016 Wisconsin
Фотографија: Getty Images/D. Hauck

Пребројувањето во Висконсин започна откако минатата недела поранешната кандидатка на Зелените, Џил Стајн поднесе формално барање за пребројување на гласовите.

Идниот претседател на САД, Доналд Трамп ја порази кандидатката на демократите Хилари Клинтон со разлика од 22.000 гласови во Висконсин – држава која носи 10 делегатски (електорски) гласови. Ова е прво пребројување на гласови иницирано на барање на претседателски кандидат по драматичното пребројување на гласовите во Флорида во 2000 година, кога за претседателската функција се кандидираа демократот Ал Гор и републиканецот Џорџ Буш.

Експертите велат дека не веруваат оти пребројувањето во Висконсин и потенцијалните пребројувања во Мичиген и Пенсилванија ќе го сменат исходот на изборите. „Оваа ситуација дефинитивно не е како онаа со Буш и Гор“, изјави Мајк Хас, од изборната комисија на Висконсин.

Сојузните држави имаат рок до 13 декември да се изјаснат за резултатите од изборите.

Процес на пребројување

Повеќето сојузни држави на северот од земјата пребројувањето го вршат рачно. Стајн, која освои околу 1 процент од гласовите во Висконсисн, загуби судски процес во кој бараше рачно пребројување на гласовите во сите држави. Областа Милвоки, најголемата област во сојузната држава, го почна пребројувањето користејќи ја истата машина со која гласовите беа пребројувани на денот на изборите.

USA Pacific Palisades Stimmabgabe zur US-Präsidentschaftswahl
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Nelson

Реакциите на кандидатите

Набљудувачи од кампањите на Клинтон, Стајн и Трамп беа испратени да го набљудуваат процесот на пребројување. Од кампањата на Клинтон изјавија дека ги поддржуваат напорите на Стајн.

Стајн неколку пати изјави дека се можни нерегуларности во изборниот процес во Висконсин, Мичиген и Пенсилванија. Кандидатот на Зелената партија собра повеќе од 7 милиони долари во кампања за поддршка на пребројувањето.

„Потврдувањето на гласовите преку пребројувањето е единствен начин да се потврди дека секој глас бил пребројан точно и доверливо и дека гласањето не е компромитирано поради човечка или компјутерска грешка, или поради човечко влијание или хакирање“, изјави Стајн преку соопштение за јавноста објавено во четвртокот.

Трамп поднесе жалба против барањето за пребројување на гласовите во Мичиген. Процесирањето на неговиот приговор доведе до одложување на планираното пребројување кое требаше да започне во петок следната недела. Од изборната комисија на Мичиген изјавија дека пребројувањето не може да отпочне се додека не поминат два работни дена откако надлежните органи ќе се произнесат за барањето на Трамп.

Адвокатите на Трамп тврдат дека пребројувањето не може да биде завршено навреме и дека петицијата на Стајн не била правилно поднесена. Претставници од кампањата на Трамп велат дека Стајн бара пребројување на гласовите „базирано само на шпекулации“.