1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговорите „проодеа“

3 септември 2010

Израелските и палестинските лидери ја минаа првата препрека во тешките преговори за надминување на децениските проблеми кои ги очекуваат во следните 12 месеци. Договорени се средби на секои две недели.

https://p.dw.com/p/P3MY
Ветувачки почеток на разговорите за Блискиот истокФотографија: picture-alliance/dpa

На отворањето на четиричасовните разговори во Вашингтон, домаќинот, американскиот државен секретар Хилари Клинтон призна дека постојат сомневања и скепса за успехот на состанокот, откако бројни американски администрации во минатото не успеаја на тој пат.

„Знам дека одлуката да се седне на оваа маса не беше лесна. Ги разбираме сомневањата и скептицизмот родени од долгогодишниот конфликт и загубените надежи, но ова е важен чекор кон ослободување на луѓето од стегите на историјата и движење кон иднината која треба да донесе мир“, изјави Клинтон.

Следната рунда разговори е закажана за 14 и 15 септември во Египет. Лидерите се договорија средбите да продолжат во континуитет на секои две недели, со желба тие да финишираат со мировен договор во рок од една година.

Nahost Friedensgespräche in Washington
Абас и Нетанјаху ќе имаат уште многу да си кажат во следните 12 месециФотографија: picture-alliance/dpa

„Заедно можеме да ги предводиме нашите народи до историска иднина и да им ставиме крај на конфликтите. Тоа нема да биде лесно. Вистинскиот мир, трајниот мир, ќе биде постигнат само со обострани и болни отстапки од двете страни. Израелскиот народ е подготвен да го изоди овој долг пат за кусо време, за да се постигне мир кој ќе ни донесе безбедност, напредок и добри соседи“, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Признавањето на Израел - главен услов на Нетанјаху

Пред почетокот на разговорите Нетанјаху јасно порача дека признавањето на еврејската држава од страна на Палестинците е прв услов за постигнување договор. Но, признавањето на Израел како татковина на Евреите е тешко прифатлив услов за лидерот на Палестинците Махмуд Абас, бидејќи ќе значи откажување од правото на илјадници Палестинци кои го напуштија Израел во 1948 година.

Hamas feiert Jahrestag und kündigt Überraschung an
Милитантите од Хамас и натаму се најголема опасност за миротФотографија: AP

Од друга страна, клучното барање на Абас е прекин на изградбата на еврејските доселенички населби и прекин на блокадата на Појасот Газа.

„Се надеваме дека сега кога израелската влада го има изборот меѓу доселеничките населби и мирот ќе одбере мир. Земјата која треба да биде идна палестинска држава се анексира, конфискува, се градат ѕидови... Доколку израелската влада продолжи со изградбата на доселеничките населби, тоа значи дека ја затвора вратата за решение. И се надевам дека Израелците ќе сфатат дека мирот е многу поевтин од војната“, рече главниот преговарач на Палестинците Саеб Ерекат.

Сепак, и покрај декларативните заложби, на директната средба меѓу двајцата лидери не се разговарало за продолжувањето на мораториумот за изградба на еврејските населби на Западниот брег, кој истекува до крајот на месецов. Израелските власти не ја исклучуваат ниту можноста од организирање референдум за договорот кој ќе биде постигнат со палестинците.

Aвтор: БГ/AT/афп/дв

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска