1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преговори за Македонија за време на кипарското претседавање

Тони Гламчевски7 јуни 2012

Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ-Македонија уште еднаш го повтори повикот до Советот на ЕУ за почеток на преговори со Македонија, новина е тоа што се дава и рок – за време на кипарското претседателство.

https://p.dw.com/p/15A4i
Фотографија: AP

Ова е еден од заклучоците на нацрт-резолуцијата која денеска (07.06.2012) беше усвоена во Брисел со огромно мнозинство на гласови од претставниците на европскиот парламент и Собранието на Македонија.

По на моменти бурната расправа, која беше добро усмерена од страна на претседавачот, германскииот европратеник Јоргос Шацимаркакис, европратениците и македонските парламентарци усвоија неколку амандмански измени на предложените препораки од 10. Мешовит комитет ЕУ - Република Македонија, со кои ќе треба да се забрзаат евроинтегративните процеси на Република Македонија, како и спречување на можниот евроскептицизам, со оглед дека три години по ред земјата добива препораки за преговори, но не и датум.

FDP Europaabgeordnete Jorgo Chatzimarkakis
Јоргос ШацимаркакисФотографија: dapd

Жалење за изоставениот термин „македонски“

Европратениците, претежно тие од Словенија и Германија, ги поддржаа трите амандамни на препораките кои за македонската делегација беа многу значајни, како што призна пратеникот Кенан Хасипи, копретседател на Комитетот.

Станува збор за амандманот со кој се жали за испуштањето на терминот „македонски“ за идентитетот, културата и јазикот во извештајот за напредокот на Македонија за 2011. година на Европската комисија, при што се препорачува ЕК да ја врати праксата кога се употребуваше терминот „македонски“.

Одредување термин за почеток на преговорите, барање Грција да не ја блокира Македонија

Мешовитито комитет побара Европскиот совет да ја потврди препораката на Европската комисија и ЕП за почеток на преговори со Македонија и да и‘ даде датум на преговори за време на кипарското претседавње со ЕУ. Ова е за прв пат од еден официјален орган на Европскиот парламент, иако е од мешан тип, да се побара конкретен датум за преговори.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Антонио МилошоскиФотографија: AP

Во однос на спорот за името, на изненадување, помина и амандманоот на македонскиот пратеник Антонио Милошоски, со кој се поздравува пресудата на Меѓународниот суд за правдата од Хаг, во однос на Времената спогодба, при што се вели дека оваа пресуда претставува обврска за Грција да не го попречува членствотот во НАТО и почетокот на преговорите во ЕУ.

Копретседателот на Мешовитиот комитет Јоргос Шацимаркакис на прашањето на Дојче веле, дали смета дека оваа препорака за почеток на преговори има шанси да биде следена со ефект, одговори:

„За првпат сме толку конкретни, со утврдени рокови, за време на идното претседателство, кое започнува наскоро. Но сега треба да се сочека што кипарската влада и претседателство ќе направи со оваа препорака.“

Јасната препорака за почеток на преговорите според Шацимаркакис е поради напорите кои ги прави земјата, чија влада и општество се толку многу посветени на европските интеграции и имаат големо очекување од истите, што ќе биде фрустирачки да не се видат резултати.

„Нашата препорака ја одразува таа реалност, за тие да останат на тој пат. Ова е јасен сигнал до Советот да се започне со преговорите“, вели Шацимаркакис.

На Мешовитиот комитет беа разменети и мислења со министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, Фернандо Џентелини, директорот за Западен Балкан, претставник на Европа при Советот на ЕУ, и Александра Кас-Грање од Директоратот за проширување на Европската комисија.

Фокусот во расправата беше ставен на односите на Република Македонија и Европска унија во контекст на Пристапниот дијалог, актуелната политичка ситуација во државата со акцент на меѓуетничките односи, реформата на правосудството и јавната администрација, ситуацијата со медиумите, борбата против организираниот криминал и корупцијата. На состанокот беше разгледана и економската ситуација во Македонија, како и регионалното управување со отпад и алтернативни извори на енергија со осврт на можностите за поголемо искористување на претпристапните фондови на Европската унија. Расправата се најде преточена и во усвоените препораки.