1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

140910 Nahost Verhandlungen

14 септември 2010

Во египетското одморалиште Шарм ел Шеик денеска продолжуваат директните блискоисточни мировни прегoвори. Дали на преговорите, само неколку дена по нивниот почеток во Вашингтон, им се заканува неуспех?

https://p.dw.com/p/PBRI
Махмуд Абас и Бенјамин НетанјахуФотографија: picture-alliance/dpa

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се држи до тоа - делумното запирање на изградбата на доселенички населби на Западниот брег да заврши на крајот на септември. Тој има намера да даде дозвола за градење без ограничувања, барем во големите населби. Тоа американските посредници во мировните преговори еднаш веќе го толерираа - за време на т.н. Анаполис-мировен процес во 2007 и 2008 година. Но, Палестинците не сакаат повторно да се впуштат во мачни преговори што се одолговлекуваат, а истовремено да гледаат како растат израелски населби на нивна територија.

BdT Baustelle Siedlungen in der West Bank
Изградбата на населбите - пречка во преговоритеФотографија: AP

Доколку Нетанјаху не донесе одлука градењето на населбите и натаму да мирува, Палестинците имаат намера да ја напуштат салата за преговори во Шарм ел Шеик. Министрите од Работничката партија во кабинетот на Нетанјаху сакаат тоа да го спречат. Министерот за социјала Јицак Херцог за армиското радио изјави: „Мора да ги одржиме преговорите во живот. Запирањето на изградбата на населби мора да биде продолжено за два-три месеца. Притоа, однапред мора да се каже дека на крајот од овој рок ќе биде дозволена градба во местата чиј статус е разјаснет.“

Каков компромис е можен?

Предлогот на Херцог би можел да биде решение, но најновите изјави на Нетанјаху не укажуваат дека ваков компромис е можен. Премиерот се чувствува обврзан кон доселеничкото лоби и кон неговата, главно десничарска, влада, и тоа повеќе отколку што чувствува обврска кон Палестинците. Ним, пак, им повторува: „Ние велиме дека две држави за два народа е решение, имено две национални држави - една еврејска национална држава и една палестинска национална држава.“

Но, и по ова прашање нема единствен став. Палестинците не се подготвени да го признаат Израел како еврејска држава, веќе и само поради тоа што една петтина од населението на Израел се Арапи.

Автор: Себастијан Енгелбрехт/ Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Александра Трајковска