1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преголем товар за македонските текстилци

29 декември 2010

За текстилната индустрија во Македонија 2010-та беше исклучително тешка, отпуштени беа многу работници, прогласени за технолошки вишок или упатени на принуден одмор. Дел од текстилните фирми се веќе ликвидирани.

https://p.dw.com/p/Qkh0
Фотографија: Nikos Pilos

Анѓелко Анѓелковски, претседателот на Синдикатот на работниците во текстилната индустрија на Македонија, предупредува дека е можно 2010 – та да биде година на повеќе од 5 илјади згаснати работни места во текстилната индустрија: „Очигледно, работодавачите треба да не преземаат наеднаш ригорозни мерки, или последната мерка – моментен отказ на дел од вработените, а некаде и затворање на целото производство. Десеттина проценти од работниците до крајот на 2010 година се очекува да ги загубат своите работни места. Државата треба да се вклучи во оваа ситуација и од причина повеќе што во оваа индустрија работат повеќе од 45 илјади луѓе.“

Mazedonien Land und Leute Textilfabrik in Stip
Текстилна фабрика во ШтипФотографија: Petr Stojanovski

Работење по 10 часови дневно и во викенди – за 100 евра месечно

Љупчо Печијаревски, професор по менаџмент со човечки ресурси и економика на работната сила на Економскиот факултет во Прилеп, коментира: „Кога би се случило гаснење толку голем број работни места, тоа би било загрижувачко за севкупните економски текови во Македонија во следниот период. Од една страна, тоа е индивидуална трагедија на вработените во таа стопанска гранка. Но, од друга страна, тоа зборува не само за кризата, туку може да се каже и за колапсот на еден систем.“

Другите соговорници на Дојче веле, сепак, оценуваат дека текстилната индустрија во земјата се‘ уште не е попадната во колапс, но и оти долго време ќе остане да демне опасноста тоа и навистина да се случи. Напоредно со се‘ подрастичното кршење на законските и на основните човекови права на „текстилците“, принудени да работат по 10 и повеќе часови дневно, напати и по цели викенди, за само 5 - 8 илјади денари месечно, во последното четиримесечје од 2010 година се бележеа нови загрижувачки случувања: околу 10 илјади текстилни работници немаа добиено плати по три месеци.

Verbraucher-Initiative - Second-Hand in Deutschland für Textilarbeiterinnen in Bangladesh
Западните купувачи често не се задоволни од квалитетот на производите од КинаФотографија: Katrin Jäger

Печијаревски напоменува: „Текстилните работници се наоѓаат во крајно неповолна состојба, која се заострува се‘ повеќе. Државата не може да изнајде дополнителни сили со помош на кои би стимулирала одредени процеси во оваа индустрија, односно, со што би му помогнала на бизнис – секторот, а со самото тоа во индиректна смисла и на работниците, за надминување на вака тешката ситуација.“

„Сиот товар на економската криза – врз грбот на текстилните работници“

Ангел Димитров, директор на Модната конфекција од Свети Николе и претседател на Здружението на текстилната индустрија во Стопанската комора на Македонија, истакнува: „Ако минималните придонеси за вработените се плаќаат на бруто – плата од 14 илјади и 500 денари, за една текстилна работничка, која заработува месечно од 6 – 8 илјади денари, висината на тие давачки достигнуваат страшни 80 проценти во однос на нето – платата. За жал, сиот товар на кризата паѓа врз грбот на работниците. Ние сме свесни за тоа, но не постојат можности за други калкулации. Товарот на компаниите од Европа, кои купуваат репродукциони материјали во Кина, а шијат во Македонија, се префрла врз нејзините текстилни работници: секое зголемување на репродукционите материјали во Кина резултира со намалување на работната сила во Македонија, со цената на услугите што ги даваме овде.“

Македонските текстилни фирми се соочија во 2010 година со страшен притисок од ниските цени на производителите од Кина.

25.01.2010 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT MINIREPORTAGE TEXTIL

Димитров објаснува: „Фирмите кои на почетокот на 2010 ги префрлија своите бизниси во Бангладеш, или во Кина, преминуваат во Македонија, незадоволни од квалитетот на работењето на тамошните работници. Во последните неколку месеци од оваа година имаше нешто повеќе зделки, но и притисоци и уцени: ‘Или ќе шиете според таа цена, или нема да добиете работа.’“

Тео Ромеро, претседателот на европската текстилна асоцијација „АКТЕ“ со седиште во Барцелона, во Шпанија, при една посета во Тетово во 2010 година им го имаше дадено следниов совет на македонските текстилни компании: „Не можеме да се натпреваруваме со Кина во поглед на цените, туку со квалитет, вклучувајќи тука и извоз во таа земја. Ние во Европа се обидуваме да изнајдеме нови алтернативи во производството во класичната текстилна индустрија.“

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска