1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизборни комбинаторики

Александар Чомовски14 март 2006

Македонскиот претседател, Бранко Црвенковски и меѓународниот фактор го продолжуваат циклусот разговори за организирање на следните парламентарни избори. По медиумите, денеска дијалог и со невладините организации, а потоа и со водачите на верските заедници.

https://p.dw.com/p/Adem
Фотографија: AP

Потребна е толерантна изборна кампања со позитивна реторика и полемики околу политичките програми, а не лични дисквалификации, сугерираше денеска македонскиот претседател, Бранко Црвенковски. Главниот уредник на “Утрински весник“, Ерол Ризаов, во синоќешното телевизиско соочување со премиерот Владо Бучковски, од него, но и од лидерот на опозицијата, Никола Груењвски, побара јавно да ветат дека ќе ги признаат поразите уште два часа по гласањето:

“Во таа ноќ на вештерки се прават сите глупости со изборните кутии. Со таков потег ќе намалите една голема тензија и ќе направите голем гест кон народот, државата, граѓаните“, рече Ризаов.

Лидерот на СДСМ, Владо Бучковски, упорно тврди дека на парламентарните избори во јули, резултатот ќе биде тесен и речиси изедначен. Дали меѓународната заедница подготвува сценарио и го тестира расположението за голема коалиција, која би била составена од СДСМ, ВМРО ДПМНЕ, ДУИ и ДПА, идентично како во постконфликтниот период, во 2001 година? Бучковски со став:

“Причините за голема коалиција сега би биле сосема други. Изборниот резултат ќе наметне потесна или поширока коалиција. Отворени се секакви можности, врз основа на изборните резултати.“

Опонентот на Бучковски, Никола Груевски, е контра притаените желби на СДСМ за идејата околу нова голема, постоизборна коалиција во составувањето на идната македонска влада:

“Можам да кажам дека нема никаков притисок и дека никогаш досега, никој од странските дипломати не ми споменал таква варијанта. Мислам дека е тоа шпекулација што ја пушта самиот СДСМ, бидејќи тоа е последната нивна надеж дека сепак нема да бидат опозиција во наредните четири години, а ќе бидат.“

Во предизборниот амбиент веќе се анализира – какви се сојузи ќе се прават во составувањето на идната влада, особено по јавните сондажи - дека 20% од електоратот сеуште не знае за кого ќе гласа, а 30% најавува апстиненција. Истовремено, новопојавените партии можат да очекуваат прибирање на значаен дел од пратеничките места, што би го раздробило гласањето и изборните резултати.