1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предизборно спречување катастрофи

Фабијан фон дер Марк/превод:БГ11 август 2016

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезиер се соочува со големи предизвици по неодамнешните терористички напади. Новите безбедносни мерки предизвикуваат политички тензии, коментира Фабијан фон дер Марк

https://p.dw.com/p/1JfqI
Фотографија: picture-alliance/dpa/M.Kappeler

Кога министрите за внатрешни работи ќе добијат лоши вести, тие најчесто немаат одговор на две прашања. Прво: „Како можеше тоа да се случи?“ И второ: „Како ова никогаш да не се повтори?“
Одговорите „немавме среќа“ или „ништо не можевме да сториме“ би биле најискрени, но нив никогаш не можете да ги чуете.
Но, Томас де Мезиер беше многу блиску да го каже токму тоа кога рече дека не постои стопроцентна безбедност, и дека не гледа потреба од нови закони по нападите во Вирцбург, Минхен и Ансбах.
Минатата година, Де Мезиер понуди сеопфатен одговор на три ситуации: за милионите бегалци со нов закон за имиграција. За сексуалните напади во Келн со експресни депортации на азиланти од Северна Африка. И на терористичките напади во Брисел со нов анти-терористички закон.
Но, потоа се случи она што таблоидите го нарекоа „крвава недела“ во Баварија. Напади токму во покраината во која Христијанско социјалната унија (ЦСУ) домашната безбедност ја направи приоритет.

Кој да се справи со безбедносните ризици?

Често се вели дека министрите за внатрешни работи секогаш имаат при рака сет од остри мерки во случај на катастрофа, кои не би можеле да бидат предложени во помирни времиња. Томас де Мезиер никогаш не оддаваше таков впечаток. Но сега, соочен со критики дури и од коалицискиот партнер- СПД, Де Мезиер реагира нервозно. Неговиот предлог вели: „доколку сакате повеќе безбедност согласете се со мојот предлог“.
А неговиот предлог предвидува дополнителна контрола на телекомуникациите, побрзи депортации, и лимитирана медицинска доверливост во ситуации кога на тој начин може да се спречат кривични дела. И тоа не е сѐ: заедно со министрите за внатрешни работи од ЦДУ и ЦСУ, Де Мезиер заговара и забрана за носење бурка и одземање на државјанство.

von der Mark Fabian Kommentarbild App
Фабијан фон дер Марк

Изборно прашање

Опозицијата ќе ги отфрли мерките како претерани и ќе праша: зошто токму сега? А министерот за внатрешни работи ќе ги оправда мерките како реакција на нивото на закана со која се соочува Германија. Всушност, Де Мезиер делува како лојален министер и партиски политичар. Неговата шефица, канцеларката Ангела Меркел очигледно ја чувствува несигурноста на германските граѓани и влијанието врз нејзиниот рејтинг- кој е во слободен пад во последниот период.
Во септември ќе се одржат покраински, а следната година и сојузни парламентарни избори. Со оглед на актуелното расположение, јасно е дека домашната безбедност ќе биде доминантна тема во германските изборни кампањи. Барањата од десничарите- помалку муслимани, од левицата- повеќе полиција, значат дека ЦДУ води битка за тоа кој може да донесе поголема сигурност. А Томас де Мезиер е клучен играч во таа битка.