1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Предлогот за реформа на ОН на групата од 4 земји е стриктно одбиен од страна на САД

13 јули 2005

Дали предлогот сега воопшто има некакви шанси на успех, зависи и од ставот на африканските земји-членки на светската организација.

https://p.dw.com/p/AcDu
Пакистан не е против Германија, но не го поддржува предлогот оти ја опфаќа Индија: пакистанскиот премиер Азиз и германскиот канцелар Шреде
Пакистан не е против Германија, но не го поддржува предлогот оти ја опфаќа Индија: пакистанскиот премиер Азиз и германскиот канцелар ШредеФотографија: AP

Моделот на Групата 4 не е прифатлив бидејќи би се намалила ефикасноста на Советот за безбедност. И да биде донесена резолуција во ОН, САД трајно ќе ја блокираат. Светот е длабоко поделен по ова прашање и мора да се бара “широк консензус“, аргументираше американскиот претставник Ширин Тахир-Кели во дебатата во ОН. Сепак, таа нагласи дека американската позиција не е насочена против Германија, Јапонија, Индија и Бразил, кои, како што рече, се пријатели на САД.

Предлогот на тие четири земји за проширување на Советот за безбедност со 10 нови членови (Г4 и уште две африкански земји како постојани, и уште четири други земји со променлив статус) е најдобриот можен компромис и ги зема предвид интересите на сите членови на ОН, нагласи германскиот амбасадор Гунтер Плојгер. Доколку тој добие двотретинско мнозинство во Генералното собрание, тогаш „една или две“ постојани членки на Советот за безбедност ќе се мораат да се прашаат дали навистина сакаат да блокираат „промена кон подобро на целите ОН“.

Петте сегашни постојани членки на Советот за безбедност немаат право на вето во Генералното собрание, но можат да ја блокират секоја резолуција за негова структурална промена, бидејќи таа може да стапи на сила само ако биде ратифицирана од сите пет. Двотретинското мнозинство за предлогот на Г4 во Генералното собрание, пак, во многу зависи од ставот на 53-те африкански земји. Група земји од тој континент се залага евентуалните шест нови постојани членки на Советот за безбедност веднаш да добијат и право на вето. Затоа алжирскиот амбасадор Абдалах Бали ги повика африканските земји да гласаат против предлогот на Г4, а без нивните гласови тој нема никакви шанси.

Јапонската влада и натаму ќе се бори за предлогот на Г4. Владата, по вчерашните интензивни разговори со американскиот министер за надворешни работи Кондолиза Рајс, оценува дека сегашниот став на САД не е дефинитивен.

Покрај САД, против предлогот на Г4 се и Русија и Кина, како и група други земји предводени од Италија. Меѓу нив е и Пакистан. Реформата на ОН е единствената тема во која имаме разлики во мислењата, рече канцеларот Герхард Шредер вчера по средбата со

пакистанскиот премиер Шукат Азиз во Берлин. „Со целосна решителност обете земји сме за реформа на ОН; разлики имаме околу темпото со кое треба таа да се одвива. Но, со радост примив на знаење дека пакистанската позиција на никаков начин не е насочена против Германија“ – рече Шредер.

Пакистан (кој најмногу се противи на постојано место за Индија) е за избалансиран, фер и вистински репрезентативен систем, изјави Азиз: „Сите тие земји мора да бидат опфатени во некој консензус, само така реформата ќе биде прифатлива. Ако некои земји не се согласат, таа нема да опстои на подолг рок“.