1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преживувањето во Македонија е уметност

11 јуни 2011

Малата разлика меѓу просечната плата и потрошувачката кошница го отсликува нискиот стандард односно слабиот квалитет на живот на македонските граѓани. Преживувањето во Македонија е еден вид уметност, велат аналитичарите.

https://p.dw.com/p/11YY8
СупермаркетФотографија: Petr Stojanovski

Просечната македонска плата изнесува 20.000 денари, а месечната потрошувачка кошница околу 12.000 денари. Ова значи дека на мнозинството македонски граѓани или поточно на оние од просекот им треба волшебно стапче да го надопoлнат јазот. Како со остатокот од платата (од 8 илјади денари), откако ќе се набават основните прехранбени производи луѓето да купат нова облека, книги, влезници за театар, кино, да си овозможат посета на ресторан, летување. Економските аналитичари се сомневаат во начинот на кој се пресметува просечната плата. Тврдат дека таа е нереално висока и додаваат дека живеењето во Македонија е еден вид уметност.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

Универзитетскиот професор Димитар Ефтимовски за Дојче веле објаснува: „Вакво ниво на животен стандард на населението е уметност, она што македонските граѓани можат да го направат. Кај нас во менталитетот, преовладува едно интересно стојалиште дека може да биде и полошо“.

Нереална слика за куповната моќ

Стручната јавност веќе подолго време укажува на тоа, дека потрошувачката кошница во Македонија не создава реална слика за куповната моќ на населението. Поборниците на оваа теза прашуваат: треба ли да се облекуваме, да одиме в кино, да се топлиме и ред други производи и услуги, кои не се пресметуваат. Потрошувачката кошница ја вклучува само првата група производи, храна и пијалаци, а треба да се задоволат дури 10 групи производи и услуги. Државниот завод за статистика на Македонија смета дека на четиричлено семејство месечно му се доволни, на пример, само 3,5 литри јогурт, 1,5 килограм портокали и 500 грама шунка.

Mazedonien Land und Leute
Фотографија: Petr Stojanovski

Некои анализи покажуваат дека дури 40 проценти од семејниот буџет се троши за храна. За да ја набават, луѓето се откажуваат од се’ друго, поради што значајно опаѓа квалитетот на живот.

Борче Треновски од Центарот за економска анализа вели: „При оваа структура и констелација, значи структура на потрошувачка, на земја во развој каде храната, домувањето, водата и електриката зафаќаат најголем дел од нашата потрошувачка кошница секој пораст се изразува негативно врз стандардот на граѓаните. Ако имаме предвид, дека имаме стапка од невработеност околу 34 проценти, имаме поголема стапка на сиромаштија, секој пораст на цените удира голем дел од македонското население, се одразува негативно врз животниот стандард“.

Реално, месечните трошоци за живот достигнуваат најмалку 30.000 денари, кои не би можеле да бидат задоволени со просечната македонска плата.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска