1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Прекројување“ на Изборниот законик

22 декември 2010

Прочистувањето на изборниот список е предуслов за одржување фер и демократски избори без оглед кога тие ќе се одржат, бара опозицијата. Бара и регулирање на гласањето на дијаспората и финансирањето на изборната кампања.

https://p.dw.com/p/QiNR
Опозицијата и власта со различни погледи на изборните правилаФотографија: AP

Во македонскиот парламент одново е отворена расправата за изборните правила, прашање кое вообичаено ја вжештува политичката сцена во земјата. На дневен ред на комисијата за политички систем се најде Изборниот законик.

Повеќе амандмани

Преку низа амандмани се нудат повеќе новини од кои клучни се: 10 загарантирани пратенички места за припадниците на помалите етнички заедници, финансирањето на изборната кампања и гласањето на дијаспората. Овие три прашања заедно со пречистувањето на избирачкиот список се основен предуслов што го поставува опозицијата за одржување на фер избори без оглед на тајмингот на гласање.

„Да се постапи по препораките на ОБСЕ. Новини што ги предлагаме е да се воведат загарантирани мандати за помалите етнички заедници и допрецизирање на одредбите за гласање на дисјапората, бидејќи со сегашните не може да се спроведе гласање на дијаспората“, изјави Цветанка Иванова од СДСМ.

Skopje,Ulica Makedonija
Фотографија: DW

„Не сме за избори со овој избирачки список на кој е констатирано дека многу починати лица биле заокружени дека гласале на изборите во 2008 и 2009 година“, вели Горан Мисовски од НСДП.

Ставот на владејачката ДУИ по прашањето за проширување на собранието со места за помалите етнички заедници го соопшти Рафиз Алити.

„Ние не сме против загарантирани мандати, но притоа да не се наруши принципот на Бадинтер“.

Во исто време ЛДП пак предлага Македонија да биде една изборна единица, а парламентот да брои 90 пратеници. Нивниот аргумент е дека станува збор за мала земја, а народните избраници и така ништо не работат.

Владата предлага подлабоки анализи

Владиниот став е дека изборните правила треба да бидат предмет на подлабоки и поопсежни анализи и на пратениците им сугерира да не ги прифатат сега предложените амандмани.

Изборниот законик ќе се најде на собраниска дебата в понеделник, но со оглед на распоредот на силите многу извесно е дека предлозите на опозицијата нема да поминат.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска