1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекршочна пријава против папата

26 ноември 2011

Еден Германец поднесе прекршочна пријава против папата Бенедикт Шеснаесетти зашто за време на возењето на улиците на Фрајбург не бил врзан со сигурносен појас.

https://p.dw.com/p/13HlY
Папата при посетата на ФрајбургФотографија: dapd

„Прекршочната пријава е примена и е во обработка“, потврди портпаролот на градската управа во Фрајбург, Едит Ламерсдорф, додавајќи дека надлежното одделение ќе ја испита пријавата како и секоја друга, без разлика за кого се работи. Пријавата ја поднесол адвокатот Јоханес Кристијан Зундерман од Уна, на барање на неговиот клиент Уве Хилсман од Дортмунд. Тој, според зборовите на правникот, е „загрижен за безбедноста на папата“, иако не е припадник на католичката црква.

Прекршокот се случил, според пријавата, на 24 и 25 септември 2011 година во Фрајбург. Јозеф Рацингер во овие денови „во временски период подолг од еден час постапувал спротивно на прописите, иако морал да биде свесен за погрешноста на своето однесување“, стои во пријавата.

Производителот на папамобилот, „Мерцедес“, потврдил дека на сите седишта постојат сигурносни појаси. Дека папата не бил врзан може да се види на снимките на Јутјуб. Освен тоа адвокатот Зундерман, кој истапил од католичката црква и е член на Партијата на левицата, наведува двајца сведоци-Роберт Цолич, претседателот на Германската бискупска конференција и Винфрид Кречман, премиер на покраината Баден Виртемберг.

За неврзување на сигурносниот појас во Германија може да биде изречена парична казна од 30 до илјада евра, зависно од тежината на прекршокот и приходите на прекршителот. Но, пред се‘ ќе треба да биде утврдено дали при посетата на Германија папата бил германскиот граѓанин Јозеф Рацингер, кој подлежи на германското правосудство, или странски државник кој ужива имунитет.

Автор: ЖА/СН/дпа/дапд/кна/шпигел

Уредник: Симе Недевски