1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прекуграничната соработка - импулс за приближување на регионите

12 јули 2010

ЕУ им стави на Македонија и Албанија на располагање средства од ИПА програмата за претпристапна помош за развивање на прекуграничната соработка меѓу градовите и општините во двете земји. Колку се користат овие фондови?

https://p.dw.com/p/OGcS
Фотографија: European Communities

На 19-ти јули 2010 ќе заврши вториот јавен повик за доставување проекти за прекугранична соработка меѓу Македонија и Албанија. Во рамки на својата ИПА програма Европската унија намени за тоа три и пол милиони евра. Од македонското Министерство за локална самоуправа не соопштуваат инфомации колкав е интересот за привлекување пари од овој европски фонд, но, познати се два случаја на подготовки за заедничко аплицирање: Тетово со Елбасан од Албанија и Гостивар со Корча од Албанија. Градоначалникот на Тетово Сади Беџети претходно веќе имал средба со градоначалникот на Елбасан Ќазим Сејдини, а градоначалникот на Гостивар Руфи Османи со неговиот колега од Корча Нико Пелеши.

Sadi Bedzeti Bürgermeister von Tetovo Mazedonien
Сади Беџети, градоначалник на ТетовоФотографија: DW

Значајни искуства за натамошни аплицирања за парите од европските фондови

Mazedonien Land und Leute Tetovo
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Ирфан Ходаи, раководител на Одделот за локален економски развој во општина Тетово, вели: „Советот на општина Тетово има донесено одлука за воспоставување соработка со општина Елбасан во економијата, културата и заштитата на културно - историското наследство на двата града и двата региона, за соработка во примената и на разни други проекти. Конкретно, во овој случај сега се работи на отворање информативни центри за туризам во двата града. Ако биде прифатен овој проект, очекуваме центарот за туризам во Тетово да профункционира кон крајот на 2011-та година. Подготвувањето на апликациите со триста и повеќе страници за овој повик за прекуграничната соработка е ново и значајно искуство за вработените во овој сектор на општинската администрација во Тетово, како и за сите општински администрации во земјата.“

Aufführung in Elbasan, Studentenprojekt, Theater, Albanien, Mazedonien
ЕлбасанФотографија: DW / Arben Muka

Фатон Јахја, советник во истиот оддел во гостиварската локална самоуправа, истакнува: „Целта е да се зголеми економскиот развој на Гостивар и Корча. Со реализирање на проектите очекуваме создавање стратегија за развој на туризмот, особено на планинскиот и на културниот туризам, како и создавање идентитет на двете општини како туристички дестинации.“

Хоризонтална соработка и комуникација меѓу градовите покрај границата, но и вертикална комуникација со Брисел

Според професорот Нано Ружин од Факултетот за политички науки на ФОН Универзитетот во Скопје, „прекуграничната соработка е голем импулс во прилог на приближувањето на тие градови и региони, но и на Македонија како држава во целина кон Европската унија.“ Во ваквиот контекст Ружин дополнува: „Ова е одлична шанса за воспоставување односи на заемност на градовите покрај границата во двете држави, за создавање систем на хоризонтална соработка и комуникација на еден град од Македонија со еден, два, или неколку градови од друга држава, но и на нивна заедничка комуникација вертикално со Брисел. Соработката меѓу соседните држави придонесува кон заемното разбирање на нивните народи, кон запознавање на нивните култури, што е многу важен елемент за ширење на европеизмот. Како што ги бележат позитивните поени од заемната соработка меѓу градовите во државите - соседи, еврократите од Брисел ги сметаат на другата страна на табелата и негативните поени од отсуството на таквата соработка.“

Mazedonien Politik Nano Ruzin 2
Нано РужинФотографија: MIA

Секоја апликација ќе биде финансирана најмногу со 200 илјади евра. За 60-те проекти доставени лани во рамки на првиот јавен повик, според најавите од министерството за локална самоуправа на Македонија, договорите за она што ќе го одобри Европската унија требаше да бидат потпишани до крајот на минатиот месец. Досега од овој владин ресор нема никакви информации дали ова е веќе сторено.

EU Erweiterung Symbolbild Flagge
Фотографија: European Communities

Ходаи од тетовската локална самоуправа, кој работел 10-тина години во споменатото министерство токму со користењето на европските фондови, предупредува: „Постојат многу фондови кои Европската унија ги отворила за Македонија, но, има еден период од две - три години кога тие фондови не биле искористени и поради тоа биле затворени.“

Значи, останува допрва да се види колку ИПА фондовите ќе бидат ставени во функција на прекуграничната соработка меѓу Македонија и Албанија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Александра Трајковска