1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преку Словачка кон виза за Европското првенство

Зоран Јордановски11 октомври 2006

Германија и’ гостува на Словачка во Братислава. Денеска се играат уште 19 натпревари од квалификациите за наредното Европско фудбалско првенство

https://p.dw.com/p/AehZ
Јоахим Лев
Јоахим ЛевФотографија: AP

По победите против Ирска и Сан Марино, гостувањето во Словачка е прва вистински сериозна пречка во квалификациите за тренерот Јоахим Лев и неговите избраници. Откако по светското првенство тој го презеде кормилото од Јирген Клинсман, репрезентацијата оствари четири победи во 4 одиграни средби, притоа и без примен гол – подобар биланс од Лев на стартот досега немал ниту еден од неговите претходници. Победата денеска би претставувала голем чекор кон пласман за Европското првенство. „Мислам дека сме во состојба со победа овде да ги поставиме свртниците во таа насока“ – самоуверен е Лев.

Во саботата, на пријателскиот натпревар против Грузија во Росток шанса добија играчи кои почесто се на клупата за резерви во репрезентацијата, како и четворица дебитанти. Повредените се опоравија, ќе може да игра и Подолски кој беше исклучен на средбата со Грузија, па вечер во Братислава на теренот ќе истрча многу посилен тим, во кој, според најавите, сепак место ќе има и за еден од саботните дебитанти - Клеменс Фриц од екипата на Вердер.

Словачка во саботата како гостин го совлада Велс со 5 спрема 1 – тоа е предупредување за германските играчи. „Да, мора да бидеме свесни за таквата појдовна ситуација и мислам дека е тоа доволна причина да бидеме концентрирани и во натпреварот да влеземе со целосна претпазливост“ – вели капитенот Михаел Балак.

Главни адути на Словаците се напаѓачите Марек Минтал и Роберт Витек, кои инаку во тандем го предводат и нападот на германскиот прволигаш Нирнберг. Но, и покрај сиот респект, германските репрезентативци помалку страхуваат од нив и од целата селекција на противникот, колку од сопствените навивачи: имено, најавено е доаѓање на група од околу 500 насилнички настроени германски хулигани, која е во состојба да предизвика безредија.

Од другите вечерашни дуели внимание предизвикуваат средбите Полска – Португалија во А-групата, Украина – Шкотска во Б-групата и големото дерби во Е-групата меѓу Хрватска и Англија во Загреб.