1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Премиера за Рефет Абази на Берлиналето

18 февруари 2011

Денеска на 61 Берлинале ќе биде прикажан последниот филм во натпреварувачката конкуренција- „Крвта што простува“ во кој значајна улога игра македонскиот актер Рефет Абази. Тој смета дека филмот има потенцијал за победа.

https://p.dw.com/p/QwC1
Рефет АбазиФотографија: DW

Македонскиот актер и професор Рефет Абази е носител на една од главните улоги во филмот „Крвта што простува“ на американскиот режисер Џошуа Марстон, кој денеска (18.02.2011) ќе биде прикажан како последен филм во натпреварувачката конкуренција на 61 Филмски фестивал во Берлин. Филмот, целосно снимен во Албанија, е во трката за врвното признание – „Златната мечка“. Главните актери автоматски влегуваат во конкуренцијата за наградата „Сребрена мечка“ за главна улога, што значи дека и Абази ќе ја има можноста, евентуално, да се закити со ова престижно меѓународно признание.

Berlinale 2011 Albanien Marston
Режисерот Џошуа МарстонФотографија: Berlinale

Дојче веле го праша: кои се неговите очекувања од учеството на „Крвта што простува“?

Филмот има огромен потенцијал

Тој одговара: „Убеден сум дека овој филм има огромен потенцијал и да победи на Берлинскиот фестивал. За мене воопшто нема да биде никакво изненадување, ако ’Крвта што простува’ победи како филм, а Марстон како режисер. Кога ја гледаш конкуренцијата – Кевин Спејси, Џереми Ајронс и други – не се знае никогаш. Со самото тоа што нашиот филм е влезен во главната конкуренција – тоа значи, од 4 - 5 илјади филмови, кои аплицирале, се избрани 16 – тоа укажува дека филмот има огромни квалитети, уметнички и содржински.“

Како дојде до тоа режисерот Марстон да му ја додели една од главните улоги токму на Абази, кој е професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности на Државниот универзитет во Скопје?

Refet Abazi
Рефет АбазиФотографија: DW

Абази истакнува: „Двајцата тинејџери, кои се во преден план во филмот, се одбрани по кастинг со 3.600 деца. Јас ја толкувам улогата на Марк, таткото на овие две деца, кои се затворени дома и чиј живот е целосно испревртен, поради заканите од крвната одмазда. Потоа, заради изборот на носителите на улогите на возрасните ликови, Марстон направи кастинг со сите професионални актери во Албанија, отиде и во Косово и истото го направи и таму. На крајот дојде во Скопје, кое му беше последната дестинација за кастинг. За моја среќа, тука мене ме најде. Се споивме на некој чуден начин. Неговиот принцип на работа со мојот процес и принцип на работа: се запира глумата, значи треба да престанеш да глумиш и треба да почнеш да бидеш! Ова е мој стремеж кон оваа професија, а токму тоа Марстон го бараше.“

Филмот суверено плива во океан на чисти емоции

Според него, која е основната порака, која зрачи од филмот „Крвта што простува“?

Тој нагласува: „Целата драма се состои во тоа како растат двајца тинејџери, млади деца, секој со своите соништа и амбиции во животот. Наеднаш доаѓа една трагична околност, која го менува контекстот на нивниот живот. Канунот на Лек Дукаѓини, според кој се извршуваат крвните одмазди во Албанија, кодот на честа и самиот тој мотив се присутни во втор план. Овој филм е филозофско гледање на една универзална тема: на одземањето на правото на живот. Оваа драма може да се случи секаде, во секое ќоше во светот.“

Berlinale 2011 Albanien Tristan Halilaj
Сцена од филмот „Крвта што простува“Фотографија: Berlinale

Овој актер дополнува: „Секаде е иста забраната да копнееш по убави нешта во животот, забраната да не можеш да се видиш со саканата девојка, принуденоста да се оттргнеш од сето тоа што си го сонувал, од она што си сакал да бидеш, кога си бил млад. ’Крвта што простува’ е универзален, светски филм. Со оглед на сувереноста како тој плива во еден океан на чисти емоции, сметам дека ќе остварува многу силна комуникација со публиката што ќе го гледа.“

Марстон, кој е од Калифорнија, и‘ е познат на пошироката меѓународна публика со своето деби на „Берлиналето“ во 2004 – та година со филмот „Марија полна со милост“, што се бореше и тогаш за „Златната мечка“. Неговата главна актерка Каталина Сандино Морено од Колумбија ја доби „Сребрената мечка“ за својата креација во тоа дело на Марстон.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска