1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пресудата од Хаг ќе има политички последици

13 декември 2011

Благодарејќи на пресудата од Хаг вратите на НАТО и ЕУ ќе се подотворат за Македонија, смета Сабине Фрејзер, директор на програмата за Европа во МКГ. Но, за земјата станува ургентно да пронајде решение за спорот со името.

https://p.dw.com/p/13RYg
Сабине ФрејзерФотографија: International Crisis Group

Сабине Фрејзер, директор на програмата Европа при Меѓународната кризна група (МКГ), признава дека не се очекувала толку многу јасна пресуда во полза на Македонија. „Во неа Судот јасно кажува дека Грција ги прекршила своите обврски кон Македонија, не се очекуваше толку јасна одлука во полза на Македонија. Одлуката може само да ја подотвори малку повеќе вратата на ЕУ за Македонија и се разбира на НАТО“, вели таа.

Ќе има политички последици по пресудата во Хаг

На забелешката дека и покрај пресудата, ЕУ го одложи давањето на датум за преговори на Македонија, претставничката на Меѓународната кризна група оценува: „Што се однесува до ЕУ, пресудата падна непосредно пред состанокот на министрите за надворешни работи, затоа беше тешко ЕУ да реагира по оваа одлука на судот. Јас лично би рекла, а тоа го рековме и во извештајот на Меѓународната кризна група, дека и советуваме на ЕУ да го отвори скрининг процесот- процесот на дискусии по поглавјата со Македонија. Па дури и ако официјално не ги отпочнат преговорите, процесот на скрининг треба да започне. Тоа би била нашата препорака за ЕУ.

Што се однесува до НАТО ќе бидам поголем оптимист, се надевам дека за самитот во Чикаго, кој е закажан за напролет ќе има деблокирање на ситуацијата. Посебно, бидејќи САД ќе бидат домаќини на состанокот и општо гледано САД се залагаат, Македонија да напредува во нејзината интеграција во НАТО. И се надевам дека ќе видиме мала промена во однос на ова и тоа до самитот на НАТО во Чикаго.“

Таа понатаму за Дојче веле додава: „За жал знаевме дека не постои обврска и пред пресудата на Судот, неговата пресуда да биде почитувана. Но, на политичко ниво сигурно е дека ќе има последици. И НАТО и ЕУ ќе ја подотворат уште повеќе вратата за Македонија, благодарејќи на таа пресуда. Но, таа нема целосно да го промени мислењето на некои од европските земји.“

Нема оптимизам за скоро решение за името

Сабине Фрејзер не е оптимист дека наскоро ќе биде најдено решение за името. „Препораката на Меѓународната кризна група беше Македонија да прифати едно име со додавка, како на пример Република Северна Македонија или нешто слично. Познато ми е дека ова засега е тешко прифатливо за двете страни. Затоа не сум голем оптимист за решавањето на овој проблем. Но, за Македонија станува ургентно да пронајде решение, бидејќи како што гледаме дури и со одлуката на Меѓународниот суд на правдата, вратите ќе се подотворат повеќе, но не и целосно без комплетно решавање на проблемот со името“.

Не се врши доволен притисок врз Грција

Фрејзер смета дека не се врши доволно притисок врз Грција за да се најде решение за името: „Мислам дека не се врши доволно притисок врз Грција. Се’ уште не е јасно како новата влада на Грција ќе го третира проблемот со Македонија. Во моментов Грција има многу други проблеми. Изгледа малку парадоксално што во моментот кога Грција е толку многу политички и економски ослабена, другите земји на ЕУ не се осмелуваат да извршат дополнителен притисок за македонското прашање. Признавам дека тоа изненадува и треба да се каже дека нема доволно притисок врз Грција“.

Македонија изгуби поени

„Би рекла дека Македонија исто така изгуби поени на меѓународен план со проектот ’Скопје 2014’ на некои од градбите се гледа како прст во очите на Грција, како статуата на Александар Македонски. На тоа не се гледа добро во ЕУ и е штета што Скопје игра на тоа.“

На крајот од разговорот за Дојче веле, Сабине Фрејзер како претставничка на МКГ- организација која се фокусира врз кризи и конфликти, смета дека е навистина штета што Македонија не може да напредне кон ЕУ и НАТО, бидејќи од тоа зависи стабилноста и мултиеничкиот соживот на земјата, но и на регионот пошироко.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Александра Трајковска