1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претпоследната шанса за договор - пропуштена

Бернд Ригерт / Агенции21 ноември 2007

Нема напредок во преговорите меѓу Србите и косовските Албанци околу статусот на Косово. Разговорите во Брисел завршија практично со резултат што се очекуваше, но преговарачката Тројка сеуште не се предава.

https://p.dw.com/p/CPqh
Преговорите меѓу Србите и косовските Албанци почнаа во февруари 2007-маФотографија: AP

Преговарачките делегации на Србите и косовските Албанци разговараа неколку часа, но она што го кажуваа едните очигледно не стигнуваше до ушите на другите. Двете страни ги повторија познатите ставови – косовските Албанци сакаат државна независност, Србите имаат намера да прифатат во најдобар случај широка автономија. Предлогот на преговарачот на ЕУ, Волфганг Ишингер на Косово прво да му се даде неутрален статус, не наиде на позитивно ехо. Идниот премиер на Косово, Хашим Тачи, рече:

“Косово не може да има неутрален статус. Косово ќе биде независно и ќе им биде добар сосед на Србија, Црна Гора, Македонија и Албанија. Независноста на Косово ќе донесе мир и стабилност во регионот. Како иден премиер ќе соработувам со сите во регионот и ќе се залагам за подобри односи со Србија.“

Србија не сака вештачки рокови

Косовските Албанци оставија впечаток дека имаат намера еднострано да прогласат независност веќе неколку дена по 10 декември, иако на тоа се противат некои држави на ЕУ и Русија. Српскиот претседател, Борис Тадиќ, предупреди на последиците од тоа и сака преговорите да продолжат: “Не се согласуваме со вештачки рокови. Тоа значи дека мора да направиме се‘ што е во наша моќ за да најдеме заеднички прифатливо решение. Ако како резултат на овие преговори произлезе принудно решение, тоа нема да биде од помош ниту за Србите, ни за Албанците во земјите од регионот.“

Двете страни се согласија на 26 ноември во Виена да одржат нова рунда преговори. Изгледите за компромис се мали, но преговарачката тројка вети дека ќе направи последен енергичен обид за постигнување решение.

Холбрук бара НАТО да ги засили трупите на Косово

За денешен “Зидојче Цајтунг“ американскиот дипломат, Ричард Холбрук, оценува дека тројката нема да издејствува согласност на двете страни и дека во рок до еден месец косовските Албанци веројатно ќе прогласат еднострано независност. Во таков случај, Холбрук смета со ново насилство во покраината и затоа во изјава за весникот “Ханделсблат“ бара од НАТО да ги засили своите трупи. “не смееме да го оставиме Балканот да се врати пвоторно во темното минато“, изјави Холбрук. Германската канцеларка Ангела Меркел, која вчера имаше средба со италијанскиот колега, Романо Проди, околу проблемот на Косово изјави: “Тука Европа ќе има голема одговорност, но Германија и Италија се единствени во ставот дека треба да се стори се‘ за да се спроведе еден координиран и усогласен европски став.“