1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Претседателот на срцата“ - сто дена на функција

Рихард Фукс / Александра Трајковска25 јуни 2012

Претседателот Гаук е сто дена на функцијата. Тој го наследи Вулф кој поднесе оставка поради финансиска афера. Медиумите го стилизираа Гаук како „претседател на срцата“. По сто дена, тој доби пофалби, но и критики.

https://p.dw.com/p/15Ks2
Фотографија: dapd

Веќе сто дена неговата животна тема е парола на една цела нација. Претседателот Јоахим Гаук како борец за граѓанските права во поранешната ГДР мораше да се бори за својата политичка слобода. Не е ни чудо што 72-годишниот евангелистички свештеник од Росток сега толку многу зборува за среќата на слободата, но и за одговорноста која произлегува од тоа.

Ова наидува на симпатии кај народот и според анкетите речиси две третини го поддржуваат претседателот.

Публицистот Албрехт Милер, автор на книгата „Погрешниот претседател“ има поинакво мислење. Гаук досега се грижеше само за слободите на оние кои подобро заработуваат, но не и за економската база на оние кои заработуваат помалку. „Каква е слободата на еден млад човек од Мекленбург Предна Померанија, кој не може таму да најде работа и в недела навечер мора да патува за Минхен, а во петок да се враќа назад“, прашува Милер, поранешен шеф на кабинетот на канцеларот Вили Брант. „Мојот претседател мора да сфати дека денес околу осум милиони Германци живеат во такви економски и социјални односи, кои де факто ја ограничуваат слободата“.

Додека во Германија освен пофалби доби и критики, за неговите настапи во странство (Полска, Белгија, Холандија, Израел и Шведска) нема забелешки. Настапот на Гаук во Полска многумина го оценија како почеток на уште подобри односи меѓу двата соседа. Посетата на Израел и Палестинските области предизвика големо медиумско ехо. Освен ова, во пресрет на Европското фудбалско првенство тој ја откажа посетата на Украина, демонстрирајќи на тој начин против затворските услови на опозционерката Јулија Тимошенко. Наспроти ова, при првата посета на Европската унија, германскиот претседател повика на „повеќе Европа“.

Bundespräsident Gauck Umweltwoche
Јоахим Гаук меѓу граѓанитеФотографија: DW/Scholz

Но во европските напори да се воведе поголема дисциплина за државните буџети, постои опасност Гаук од поттикнувач да стане кочница. Откако партиите постигнаа согласност, Уставниот суд во Карлсруе упати молба до претседателот да не ги потпишува законите за спас на еврото, оти на судот му е потребно време за да ги провери тужбите против овие закони. Гаук најави дека ќе му излезе пресрет на судот и засега нема да стави потпис на спорните закони. Со овој чекор станува знак прашање дали трајниот европски пакет за спас ЕСМ ќе може да стапи на сила според договореното, на 1 јули 2012.

Јерг ван Есен од редовите на либералите му советува на Гаук да остане на својот претседателски курс. Уште сега, сто дена откако ја презема функцијата, тој делува како „карпа во разбранувано море“. Публицистот Албрехт Милер напротив, бара од новиот претседател конечно да научи да зборува за социјална праведност. Доколку тоа не му успее, Гаук ќе има соодговорност за се’ поголемите разлики во примањата на граѓаните, кои ја делат Германија. „Тогаш би имале еден претседател кој би го ставил во редот на Хорст Келер или Хајнрих Либке“, вели Албрехт Милер. Дали германскиот претседател Јоахим Гаук претходно ја слушнал оваа критика, не е познато. Сепак, кратко пред истекот на 100-те денови, во градината на замокот Белви откри биста на неговиот претходник Хорст Келер.