1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателот се бори за функцијата и честа

18 декември 2011

Приватниот кредит кој го зел од свој пријател-стопанственик, е се‘ потешка хипотека за германскиот претседател Кристијан Вулф. Опозицијата бара расчистување на условите во кои дошло до кредитирање.

https://p.dw.com/p/13V8I
Тешки моменти за германскиот претседател Вулф

Кредитниот договор германскиот претседател Кристијан Вулф го склучил во 2008 година, според него, со сопругата на пријателот-претприемач, Егон Гееркенс. Вулф, тогаш покраински премиер на Долна Саксонија, во 2010 година негирал во покраинскиот парламент било какви деловни врски со Гееркенс. Притоа, не го споменал кредитот кој го склучил со сопругата на пријателот. Вулф во четвртокот се извини поради пропустот. Во петокот „Шпигел онлајн“ објави дека кредитот очигледно бил договорен директно со Егон Гееркенс. Претседателот вечерта преку адвокатите демантираше и повтори-кредитот го дала Едит Гееркенс.

Се‘ поголем притисок врз Вулф

Без оглед на притисокот, Вулф на викендот ги продолжи редовните обврски, буквално прогонуван од новинарите. Синоќа за радиото МДР претседателот изјави:

„Секој мора да знае самиот што прави и да одговара за своите постапки, тоа е решавачкото. Мора да се прави разлика меѓу реалното и она околку кое се крева голема прашина“.

Bundespräsident Christian Wullf und Frau Bettina in Wittenberg
Вулф со сопругата БетинаФотографија: dapd

Вулф и утрово ги негираше тврдењата за големата поволност на условите под кои го добил кредитот.

„Позајмицата беше извршена со вообичаената камата“, соопштија адвокатите на претседателот за „Велт ам зонтаг“, но потврдија дека Едит Гееркенс не барала никаква гаранција за кредитот. Правникот Ханс Херберт фон Армин во наводната камата од четири проценти гледа предност за Вулф и со тоа прекршување на важечкиот закон за функцијата премиер на Долна Саксонија.

Имало ли систем на услуги и противуслуги?

Опозициските партии-Зелените, Социјалдемократите и Левите не се задоволни од досегашните објаснувања. Генералниот секретар на Социјалдемократската партија Андреа Налес побара Вулф итно да ги стави сите детали на увид на јавноста.

„Ако не го стори тоа, треба да размисли дали и натаму може да служи како пример во Германија“.

Wohnhaus der Familie Wulff
Семејната куќа на семејството ВулфФотографија: picture-alliance/dpa

Претседателката на пратеничката група на Партијата на зелените, Ренате Кинаст ја истакнува обврската на Вулф да даде одговор пред граѓаните. Копретседателката на Партијата на левите Гезине Леч го поставува прашањето-дали како противуслуга за поволниот кредит Вулф носел и соодветни политички одлуки.

Опозицијата во Долна Саксонија врши притисок врз Вулф. Зелените сакаат во покраинскиот парламент во вторник повторно да го покренат целиот случај со кредитот на претседателот, сакајќи расчистување на дилемата-имало ли систем на мешање на политичките, приватните и економските инетереси.

Автор: Ж.Ацеска/ АТ/ дпа/ афп

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема