1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

170809 Kandidaten Präsidentschaft

20 август 2009

Денеска (20.08.2009) во Авганистан беа одржaни претседателски избори. Во трка за највисоката функција во државата беа 36 кандидати. Талибанците со сите сили се обидуваа да ги саботираат изборите.

https://p.dw.com/p/JEAo
Организирањето на изборите е голем логистички предизвик за земјатаФотографија: AP

Претседателските кандидати доаѓаат од речиси сите слоеви на населението, етнички групи и политички струења во Авганистан. Некои се бореа само со празни ветувања, други имаа конкретна програма за иднината на мултинационалната држава. Заеднички именител на сите им е кризата во која се најде изнамачената држава и тоа што го напаѓаат актуелниот претседател, 52 годишниот Хамид Карзаи. Тој се` повеќе минува во дефанзива - мора да ја брани неговата политика од последните години.

Најлут ривал му беше Абдула Абдула, кој од страната на татко му по потекло е од народот Пашту, а од страната на мајка му има таџикистански корени. По падот на режимот на Талибанците беше член на преодната влада на Карзаи, како министер за надворешни работи. Освен подобрувањето на безбедносната ситуација, поранешниот доктор има уште една голема цел:

„Поради тоа што сметаме дека тоа е неопходно за авганистанскиот народ, во нашата програма се залагаме за промена на претседателскиот во парламентарен систем, како и за избор на гувернери, градоначалници и претседатели на окрузи.“

Борба против корупцијата и подобрување на надворешната политика

Ashraf Ghani Afghanistan Wahlen 2009
Ашраф Гани ќе се бори за помала корупцијаФотографија: AP

Претседателскиот кандидат Ашраф Гани Ахмаџа е академик и апсолвент на американскиот Факултет за политички науки во Бејрут. Негова главна цел е санирање на корумпираниот административен апарат.

„Како прво, мора да ги разбереме причините што доведоа до бунт. Многу корумпирани лица седат на важни позиции, чија неограничена неправедност предизвика незадоволство кај населението“.

Основен елемент во неговата безбедносна политика е формирањето национална армија, која деноноќно би била во фаза на готовност и би дејствувала во координација и соработка со интернационалните безбедносни сили - ИСАФ.

Академик со социјалистички идеи е Абдул Латиф Педрам, лидерот на Националната конгресна партија. Во неговата изборна програма најважно место зазема надворешната политика:

„Фундаментите на нашата надворешна политика се постигнување приближување во делот на регионалната политика и подобрување на односите со соседните земји, врз основа на меѓусебна почит, како и промена на нашата политика кон Пакистан“.

Во авганистанската претседателска кампања се забележуваа и комунистички струења. Шанаваз Танаи е поранешен висок претставник на комунистичкиот режим. Меѓу 1978 и 1992 година, Танаи беше министер за одбрана и член на централниот комитет на Авганистанската демократска народна партија. Неговиот став за присуството на странските сили во земјата е мошне критичен:

„Дури и ако присуството на странските трупи во Авганистан е во согласност со Бонскиот договор, тоа, сепак, не е во духот на авганистанскиот народ.“

Автор: Макед Малек / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска