1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Претседателски избори на Кипар

Панајотис Купаранис
27 јануари 2018

На изборите во недела фаворит е актуелниот шеф на државата, Никос Анастасијадис. Колку што во кампањата беше важно прашањето на статусот на Кипар, толку беа важни и економските прашања.

https://p.dw.com/p/2rZpM
Zypern Wandmalerei in Nicosia
Фотографија: Reuters/Y. Kourtoglou

Околу 550.000 кипарски Грци во недела (28.01.2018) избираат нов претседател, а главното прашање гласи - кој ќе биде втор? Според сите анкети, актуелниот носител на функцијата, конзервативниот политичар Никос Анастасијадис би освоил убедливо над 30% гласови. Со тоа, тој сигурно ќе влезе во вториот круг од изборите на 4 февруари. Негов противник ќе биде или кандидатот на левичарската АКЕЛ-партија, Ставрос Малас или шефот на центристичката партија ДИКО, Николас Пападопулос. Демоскопите на двајцата гледаат како на освојувачи на по околу 20% гласови. Но, кој и да се пробие во вториот круг, ќе биде тешко да се победи Анастасијадис.

За разлика од порано, кампањата мина главно мирно, а доминантна тема не беше исклучиво повторното обединување на островот. Во најмала рака исто толку важни беа и економските прашања. Во една неодамна објавена анкета, 45% од Кипраните навеле дека кипарското прашање е тема во нивното секојдневие. Меѓутоа, околу 78% од нив уверуваат дека дискутираат за економијата, зголемувањето на цените, порастот и невработеноста.

Zypern Präsident Nicos Anastasiades in Nikosia
Никос Анастасијадис „сигурен во седлото“Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Karadjias

Тоа не е изненадување. За Кипар да излезе од финансиската и банкарската криза, Анастасијадис веднаш по стапувањето на должност во март 2013 година побара кредит од Европскиот механизам за спас (ЕСМ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Со оглед на тоа што на земјата ѝ беше потребен повеќе капитал од ветените 10 милијарди евра, Кипар мораше самиот да најде 13 милијарди евра. Тоа беше обезбедено со кратења на буџетот, намалување на платите и пензиите на државните службеници, зголемување на даноците, приватизации...

Благодарение на ваквиот „рез“, Кипар веќе во 2016 година, значи две години порано од планираното, ја заврши кредитната програма. Мерките донесоа над 9 милијарди евра, кои беа употребени за рекапитализација на банките. Покрај буџетската консолидација и санацијата на банките, со даночни повластици беше поттикната конјунктурата. Не треба да се заборави ниту она што се доби од продажбата на „златната виза“. Богати странци можеа да побараат државјанство доколку инвестираат во претпријатија, недвижности или државни обврзници. Британски „Гардијан“ процени дека инвестицискиот волумен изнесувал 4 милијарди евра, и тоа до денес не е демантирано.

Билансот на ваквите мерки зборува сам за себе. Кипар уште од 2015 година бележи повторно пораст, туризмот цути како никогаш досега, државното задолжување во последната година е намалено за цели 10%, а невработеноста од 17%, колку што изнесуваше во врвот на кризата, сега е падната на под 11%.

Karte Zypern NEUSTAND Januar 2017 ENGLISCH

Кипарското прашање - траен проблем

Сосема поинаку изгледа билансот на Анастасијадис во делот на кипарското прашање. По многу напори, минатиот јули пропадна обидот за наоѓање компромисно решение. Кипарските Грци и Турци беа единствени или ги приближија ставовите за многу работи, но не и за најважното прашање - каква улога освен Грција и Велика Британија ќе игра третата сила гарант, Турција, по обединувањето на островот. Кипарските Грци бараа Анкара да ги повлече своите воени сили од островот и да нема веќе право да интервенира на Кипар. Кипарските Турци тоа сакаа да го задржат.

Повеќе: 

Прекин на преговорите за Кипар

Вечниот кипарски конфликт

Во случај на победа Анастасијадис и Малас ветуваат продолжување на преговорите онаму каде што застанале. За разлика од нив, Пападопулос смета дека централна интенција мора да биде „Турција да се принуди на неопходен компромис, за да се постигне вистинско, функционално и трајно решение“. За такво нешто е неопходна стратегија која на Турција ќе ѝ предизвика „политички, дипломатски и економски трошоци“.

Ваква политика, ориентирана кон конфронтација, би го зајакнала отуѓувањето на двете страни. И онака, по речиси 44-годишна поделба помладите генерации на северен и јужен Кипар речиси и немаат претстава како е да се живее заедно. Тоа се гледа и од анкетите. Само мнозинство од кипарските Грци на над 40-годишна возраст сакаат повторно обединување. Мнозинството од помладите смета дека тоа би била грешка. Тие се на мислење дека само актуелниот статус кво може да гарантира „безбедност“.