1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Привремениот претседател го распушти египетскиот парламент

Б. Георгиевски/ап5 јули 2013

Распуштен е парламентот во кој мнозинство имаа исламистите. Египетските трупи денеска отвориле оган врз симпатизерите на поранешниот претседател Мухамед Мурси кој беше принуден од армијата да ја напушти функцијата.

https://p.dw.com/p/192qv
Фотографија: Reuters

Привремениот египетски претседател Али Мансур денеска го распушти египетскиот парламент во кој мнозинство имаа исламистичките партии предводени од Муслиманското братство.

Илјадници демонстранти, поддржувачи на исламистичката партија Муслиманско братство од чии редови беше избран претседателот Мурси, денеска маршираа врз седиштето на Републиканската гарда во Каиро. Најмалку еден демонстрант го загубил животот, откако стотина луѓе се обиделе да се приближат до зградата каде што бил притворен Мурси веднаш откако беше симнат од власт. Очевидци од агенциите кои го следеле протестот велат дека уште најмалку неколкумина демонстранти биле повредени, откако армијата отворила оган врз нив. Армијата демантираше дека употребила огнено оружје врз демонстрантите и тврди дека немало загинати во судирот.

Демонстрантите им возвратиле на војниците со камења, по што бил употребен и солзавец, иако во меѓувреме информациите говорат дека нередите се смируваат.

Инцидентите се закануваат да предизвикаат ескалација на состојбата во Египет, особено откако исламистичките приврзеници на Мурси соопштија дека не го прифаќаат вмешувањето на армијата во политичкиот живот на земјата и уривањето на легитимно избраниот претседател.

Состојбата се заканува да ескалира и во другите делови на земјата, откако утрово исламистички борци нападнале локален аеродром на Синајскиот полуостров, а во престрелката загинал најмалку еден војник. Поддржувачите на Мурси сметаат дека армијата ја уништила демократијата во земјата по воениот удар. Тие ги обвинуваат лојалистите на поранешниот претседател Хосни Мубарак и либералните и секуларните опозициски партии дека ја повикале армијата на помош поради тоа што ги загубиле изборите.

Ägypten Sturz Mursi Proteste 05.07.2013
Фотографија: Reuters

Армиски претставници ги отфрлија заканите од исламистите и повикаа на „национално помирување, толеранција и правда“, ветувајќи дека немаат намера да заземаат страна во политичкиот конфликт. Но, во меѓувреме уапсени се повеќе од 200 високи функционери на Муслиманските браќа, најсилната политичка партија во земјата.

Таквиот чин го осудија дури и опозициските групи, кои сметаат дека до помирување во државата може да дојде само со заеднички работа на сите политички партии.

„Во целост отфрламе исклучување на било која партија, особено политичките исламистички партии“, соопштија од Националниот фронт за спас, либерална партија која го предлага нобеловиот лауреат Мохамед Ел Барадеј за премиер на преодната влада која ќе треба да организира нови избори.