1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето во Либан за сега се спроведува

14 август 2006

Од утринава во 7 часот по средноевропско време во Либан стапи на сила примирјето што го издејствува генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.

https://p.dw.com/p/Ac43
Израелски војници се враќаат во татковината
Израелски војници се враќаат во татковинатаФотографија: AP

Според до сега достапните информации од либанската полиција, борбите навистина се запрени. Познавачите на приликите тоа го толкуваат како добар знак, но нагласуваат дека времето ќе покаже дали страните во конфликтот ќе си останат на зборот.

20-тина минути по официјалниот почеток на примирјето либанската полиција јави дека оружјето навистина замолкнало. И портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи Марк Регев потврди за втората програма на германската ТВ:

„Да, владата и нареди на армијата да ги прекине офанзивните операции во склад со резолуцијата на ОН.„

Тоа меѓутоа не значи дека оружјето молчеше во текот на ноќта и утринава пред договореното време за примирје. Само 45 минути пред рокот израелските воени авиони извршија неколку напади врз либанска територија. Тие уништија една електроцентрала на истокот на земјата, а нападнаа и три згради во едно село, при што животот го загубија седум лица. Една од зградите била биро на Хизболах милицијата. Далеку најтежок напад на израелските авиони од почетокот на војната беше вчерашното бомбардирање на јужниот кварт на Бејрут, при што беа фрлени 18 проектили. Во нападот што го потресе целиот главен град загинаа 15 лица, меѓу кои и три деца. И копнените сили ја продолжија офанзивата, при што во текот на ноќта имаше жестоки борби меѓу припадниците на Хизболах и израелската армија на повеќе места.

Како ќе се развива ситуацијата во наредните часови е потполно нејасно. Шефот на Хизболах Шеикот Насралах вети дека неговите борци ќе се придржуваат до договореното примирје. Но, прво Израел мора да престане со агресијата, изјави Насралах и додаде дека неговите борци го задржуваат правото на самоодбрана.

Шефицата на израелската дипломатија Ципи Ливни по вчерашната седница на владиниот кабинет, на која беше прифатена резолуцијата на Советот за безбедност, побара безусловно пуштање на слобода на двајцата киднапирани израелски војници, заради кои и почна целата војна. Тоа стои запишано во резолуцијата на ОН и Израел нема да го заборави тој елемент, нагласи Ливни:

„Тоа е сега тест, не само за либанската влада, туку и за целата меѓународна заедница. Ние очекуваме меѓународната заедница да ја спроведе оваа резолуција што е можно побрзо.„

И уште еден елемент од резолуцијата може да создаде проблеми. Во неа стои дека Хизболах милицијата треба да се разоружа, што таа веднаш категорично го одби. Прашање е дали и до кога ќе се одржи прекинот на непријателствата, доколку овие битни точки од резолуцијата не бидат наскоро исполнети.