1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето во Сирија на стаклени нозе

БГ/ап20 септември 2016

Прекинот на огнот на во Сирија е разнишан откако хуманитарен конвој беше цел на воздушен напад во кој загинаа најмалку 12 луѓе, повеќето возачи на камиони и работници на Црвената полумесечина.

https://p.dw.com/p/1K5Dn
Фотографија: Reuters/A. Abdullah

Нападите се случија во понеделникот само неколку часа откако сириската армија објави крај на прекинот на огнот кој го договорија САД и Русија. САД соопштија дека се подготвени да го продолжат примирјето, а Русија, откако ги обвини бунтовниците за неговото прекршување, се согласи дека тоа може да биде спасено.

Се уште не е јасно кој стои зад нападот кој се случи на периферијата на Алепо. Во тој дел од земјата активни се летала на Русија и на Сирија, како и на сојузничката коалицијата предводена од САД.

ОН соопштија дека конвојот носел помош за 78 илјади луѓе во градот Урам ал Кубра, западно од Алепо. Во нападот биле уништени 18 од вкупно 31 камион како и складиштето на Црвената полумесечина. Координаторот за хуманитарна помош на ОН, Јан Егеланд изјави дека конвојот бил нападнат додека ја истоварувал хуманитарната помош во складиштето.

Во текот на ноќта, во нови напади врз Алепо, загинаа најмалку 20 цивили. Русија тврди дека биле нападнати и позициите на владините трупи во југоисточно Алепо.

Иако еднонеделното примирје е во опасност, и Москва и Вашингтон ставија до знаење дека сакаат да го спасат договорот кој донесе барем малку мир во уништената земја.

Нападнат хуманитарен конвој во Сирија

Стејт Департментот соопшти дека е подготвен да работи со Русија за да се зајакнат одредбите од договорот за прекинот на огнот и да се продолжи со испораката на хуманитарна помош.

Руското министерство за надворешни работи сигнализираше дека договорот се уште може да се спаси.

Договорот за прекин на огнот стапи во сила на 12 септември. Во првата фаза беше предвидено седумдневен прекин на борбите, по што требаше да уследи поамбициозната втора фаза која предвидува формирање на заеднички руско-американски координативен центар за планирање на воени напади врз позициите на Исламската држава и милитантите на Ал Каеда.

Но, примирјето од почетокот се соочува со проблеми и меѓусебни обвинувања за негово прекршување. Хуманитарната помош никогаш не стигна до источните делови на Алепо. ОН ги обвинија владините трупи дека ја опструираат испораката, додека руски претставници тврдат дека бунтовниците отвораат оган врз патиштата за испорака на помошта.