1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Примирјето прв чекор кон траен мир

15 август 2006

Примирјето на Блискиот Исток трае нешто повеќе од 24 часа. Израел веќе почна со повлекување на првите тенкови од Либан. Се повеќе Либанци се враќаат кон домовите кои ги напуштија под налетот на бомбите. Меѓународната заедница е задоволна од досега постигнатото.

https://p.dw.com/p/AdyY
Анан задоволен од примирјето
Анан задоволен од примирјетоФотографија: dpa

Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан ги повика двете страни да ги постават темелите за трајно примирје и да работат во корист на траен мир:

„Ми олесна дека примирјето кое беше договорено со ОН генерално се спроведува. Затоа апелирам до двете страни да ги вложат сите напори и во интерес на цивилите да продолжат со спроведување на договорот. Исто така ги молам ова да премине во трајно примирје и заедно со УНИФИЛ и со мерките пропишани во Резолуцијата на СБ да работиме на нивно спроведување. Милиони луѓе во светот се надеваат дека овој договор го носи и мирот. Ниту една од страните не треба да има причина да ги разочара,“ порача Анан.

И американскиот претседател Џорџ Буш на прес конференција по состанокот со неговите советници за безбедност изјави:

„Се надеваме дека прекинот на огнот ќе се почитува бидејќи тоа е првиот чекор кој ќе осигура дека Либанската демократија е зајакната“. За Буш резолуцијата на СБ е значаен чекор напред кој ќе помогне да се запре насилството во регионот. Но, тој ниту во оваа прилика не заборави да каже кого го смета за виновен во конфликтот:

„Хезболах го нападна Израел, Хезболах ја започна кризата и Хезболах загуби. Одговорноста за страдањата на либанскиот народ исто така ја сносат и земјите спонзори на Хезболах, Сирија и Иран“. За Буш „конфликтот во Либан е дел од поширока борба меѓу слободата и теророт која се случува во регионот“.

„Ќе продолжиме да се конфронтираме со терористичките организации и нивните спонзори кои уништуваат невини животи“, порача Буш.

Од друга страна лидерот на Хезболах, Хасан Насрала изјави дека тие постигнале „стратешка и историска победа“ над Израел. Тој додаде дека сега не е момент да се зборува за разоружување на борците и дека тоа треба да се разговара на тајна владина седница во Бејрут за Израел да не извлече некаква корист од тоа.