1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Принцезата се мажи!

Т.Т.26 февруари 2009

Љубов како во приказните: шведската наследничка на тронот, принцезата Викторија, се мажи за својот личен фитнес-тренер. Свадбата е закажана за следната година.

https://p.dw.com/p/H1SP
Среќните младоженциФотографија: picture-alliance/ dpa

Печатот со години шпекулираше дека 31-годишната принцеза ќе се омажи со 35-годишниот Даниел Вестлинг, кој поседува неколку фитнес-центри и и` беше личен фитнес-тренер на принцезата.

„Даниел и јас се веривме, Кралот и владата ни го дадоа нивниот благослов, а свадбата ќе ја закажеме за следната пролет или почетокот на следното лето“, изјави принцезата Викторија за новинарите.

Шведска е уставна монархија, каде кралот нема политичка моќ. Викторија стана официјална наследничка на тронот во 1980 година, по реформите во Уставот, според кои наследник на тронот е најстарото дете на монархот, сеедно дали е машко или женско.

Врската почнала како пријателство

Prinzessinengalerie 09#09
Принцезата Викторија е пример за многу млади девојки во ШведскаФотографија: PA/dpa

На новинарско прашање кога младоженците сфатиле дека се еден за друг, принцезата изјави дека немало таков посебен момент, туку дека нивната врска почнала како пријателство, а љубовта со време се продлабочувала.

„Чувството на безбедност кога сум со Даниел е неверојатно и тоа е она врз што се базира нашата врска“, додаде Викторија.

Таа важи за особено популарна и омилена во шведската јавност и пример за многу девојки и жени, поради тоа што отворено зборува за своите проблеми. Не е тајна дека пати од дислексија, а пред неколку години јавно проговори и дека има проблеми со исхраната.

Што се однесува до младоженецот, кој сега ќе ја добие титулата Принц Даниел, војвода од Вастерготланд, тој во иднина ќе се откаже од активното занимавање со бизнис, а ќе се насочи кон „поддршка на Принцезата во нејзината работа за Шведска“.

И Швеѓаните со задоволство ја примија веста за бракот, бидејќи било „крајно време“ принцезата и Даниел да се земат. Тие веруваат дека во прашање е вистинска љубов, а не „брак од корист“.