1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Прислушување на Меркел - владата мора да се засрами

Обработка: Зоран Јордановски25 октомври 2013

Германските весници се полни со коментари за прислушувањето на канцеларот Меркел од страна на американските тајни служби. Освен критика на сметка на Американците, на удар е и претходното однесување на германската влада.

https://p.dw.com/p/1A66y
Фотографија: imago/Roland Mühlanger

„Рајн-Некар цајтунг“ од Хајделберг заклучува:

„Како последица на терористичките напади од 11 септември, САД создадоа нова институција на власта, која се дрзна да ги надгледува сите луѓе на светот. Такво нешто во времето на Орвел се нарекуваше тоталитарно размислување. Притоа борбата против тероризмот одамна се заканува да се претвори во борба против правната држава“.

Со прислушувањето САД си наштетија самите себе си, смета „Ханделсблат“:

„Слободни пазари, слободна размена на идеи - сето тоа претпоставува доверба, и тоа не само меѓу деловните партнери, туку и меѓу владите. Таа доверба сега може да биде прокоцкана. Обама веројатно одамна ја согледал таа опасност. Но, можеби има причина што октоподот НСА не се повлекува: тој одамна разви самостоен живот и веќе не може толку едноставно да биде ставен под контрола. Дури и кај самите Американци полека се вовлекува неубаво чувство дека тука нешто избегало од контрола“.

„Лаузицер рундшау“ укажува:

„Без Едвард Сноуден ни таа (канцеларот Меркел, н.з.), ни кој било во Европа не ќе знаеја што прават со години американските тајни служби. Сноуден со она што го обелодени во основа ја штити и слободата на Меркел. Поради тоа, Германија треба сериозно да размисли нему да му обезбеди сигурно прибежиште, за тој да не остане во Русија и да не мора да се изложи на прогон од американското правосудство“.

„Зиддојче цајтунг“ ја криткува владата на канцеларот Ангела Меркел поради претходното однесување во врска со аферата со прислушкувањето:

„Таа го минимизира скандалот со НСА, не се обиде енергично да ги елиминира штетите за германскиот народ, не ги зема сериозно сознанијата за обемното зафаќање на податоци за германските граѓани од страна на американските тајни служби - сѐ дотогаш, додека лично таа не беше засегната. Наместо тоа, пред неколку месеци сојузниот министер за внатрешни работи се расфрлаше со зборови за наводен антиамериканизам на критичарите на НСА, а шефот на кабинетот на канцеларот дури изјави дека американските и британските тајни служби се придржуваат кон германското право и дека ’стопроцентно е почитувана заштитата на податоци‘. Тие изјави сега изгледаат бескрајно непријатни. Владата на Меркел мора да се засрами“.

Сличен е и ставот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“:

„Сојузната канцеларка и нејзиниот кабинет тука се дури и двојно наместени: како глупаво наивни, кои можеби биле прислушувани кога си даваа меѓусебни уверувања дека Американците никогаш не би го направиле тоа. Во август Роланд Пофала, шеф на кабинетот на канцеларот, ја прогласи за завршена аферата со НСА. Од другата страна на Атлантикот мора на тоа да се смееле толку гласно, што за прислушување и не биле потребни насочени микрофони“.

Весникот „Ди велт“, пак, акцент става и врз еден друг момент:

„Одамна се заборуваше дека германските тајни служби во тој поглед исто така не се ’невини јагненца‘. Тие од порано кооперираат со НСА, обезбедуваа информации за НСА и примаа од неа. Заеднички се во бизнисот и поради тоа не би требало да се фрла со камен во стаклената куќа. Кога се осудуваат методите на НСА, тоа не се прави секогаш од етички причини, туку од завист оти ги немаш истите можности како НСА“.