1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притвор за 16 осомничени во случајот „Перо Наков“

25 декември 2010

16 осомничени во случајот против сопственикот на А1 телевизија синоќа добија 30 дневен притвор. Осомничени се за затајување на данок во вредност од 4 милиони евра. Нивните адвокати одлуката ја оценија како скандалозна.

https://p.dw.com/p/zpYF
Велија Рамковски и другите осомничени вчера беа одведени во притвор по 24-часовна полициско-судска постапкаФотографија: Petr Stojanovski

Истражниот судија при Кривичниот суд во Скопје синоќа на 16 осомничени во случајот „Перо Наков“ им одреди мерка притвор во траење од 30 дена. Станува збор за сопственикот на А1 Телевизија, Велија Рамковски, директорката на А1 Телевизија, Анета Кочишки, постарата ќерка на Рамковски, неговиот брат, поранешниот директор на Телевизијата и други управители на фирмите на „Перо Наков“, кои беа предмет на контрола на финансиската полиција и УЈП.

Адвокатот на обвинетите Мирослав Вуиќ синоќа изјави дека од 19-те приведени, Судот синоќа одредил мерка притвор за 16, а против останатите тројца бил покренат предлог за спроведување на определени истражни дејствија.

Според адвокатите на осомничените одлуката на истражниот судија е скандалозна, бидејќи е донесена без конкретни вештачења, без факти и без докази.

МВР во координација со Управата за јавни приходи и Управата за спречување перење пари поднела кривични пријави против 23 физички лица од кои 18 се македонски, еден е турски државјанин, а четворица се од Косово, кои фигурираат како сопственици, управители и вработени во повеќе фирми со седиште на ул. „Перо Наков“, како и против 10 правни субјекти.

Тие се осомничени за сторени кривични дела „злосторничко здружување“, „даночно затајување“, „перење пари“, „злоупотреба на службена положба и овластување“, „оштетување или повластување на доверители“, „повреда на правата од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „спречување на докажување“ во периодот од 2006 до 2010 година.

Според УЈП, фирмите имале неевидентиран приход од 17 и пол милиони евра, за кои не е платен данок од повеќе од 4 милиони евра.

Автор: БГ/миа

Редактор: Александра Трајковска