1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Притисок врз Уставниот суд

29 април 2009

Владејачката ВМРО ДПМНЕ продолжува со притисокот врз Уставниот суд, откако е донесена одлуката да се укине веронауката во основното образование во Македонија.

https://p.dw.com/p/HgL7
Судството треба да е независноФотографија: Petar Stojanovski

Уставниот суд на Македонија ќе заседава и денеска, но закажани се и протести на студентските организации од трите државни универзитети во Скопје, Битола и Штип, пред највисоката судска инстанца. Владејачката ВМРО ДПМНЕ продолжува со притисокот врз Уставниот суд откако е донесена одлуката да се укине веронауката во основното образование. Од 365 закони и владини одлуки на оваа гарнитура на премиерот Никола Груевски, секој петти е оспорен во Уставниот суд, а секоја трета одлука укината. Владата и ВМРО ДПМНЕ се декларираат дека ќе го реализираат решението на Уставниот суд за укинување на веронауката, вели министерот за образование Перо Стојановски.

Обвинувања за продолжена рака и контраобвинувања

ВМРО ДПМНЕ не престанува со дисквалификациите врз деветте судии од Уставниот суд, обвинувајќи ги дека се продолжена рака на СДСМ и претседателот во заминување, Бранко Црвенковски.

„Никој не може да ни го ускрати правото да ги коментираме одлуките на Уставниот суд, зашто демократското општество подразбира слобода на говор, на изразување и на мисла. Не го доведуваме во прашање спроведувањето на одлуките на Уставниот суд. Нивната работа е апсолутно политизирана“ изјави пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев.

Со овие ставови не се согласуваат коалициските партнери од ДУИ.

Ермира Мехмети изјави:

„Недемократско е конфронтирање меѓу институции кои се независни и кои си ја вршат работата во согласност со законите и уставот.“

„Јас му порачувам на премиерот Груевски да си ги собере сите свои партиски плукачи против Уставниот суд и да започне со јакнење на институциите“, реагираше Цветанка Иванова од СДСМ.

Neuer amerikanischer Botschafter in Skopje Philip T. Reeker mit maz. Außenminister Antonio Milososki
Американскиот амбасадор во Скопје, Филип Рикер, со македонскиот министер за надворешни работи, Антонио МилошоскиФотографија: DW / Dragan Todorovski

Без слух за пораките однадвор

Повеќе од две недели трае непримерната институционална и лична дискредитација на судиите од Уставниот суд. Не помагаат ни пораките од Брисел, дека тоа го нарушува институционалниот баланс, и дека е недопустливо да се врши притисок врз судските институции. Пред една недела и американскит амбасадор во Македонија, Филип Рикер, ја бранеше независноста на Уставниот суд како столб на демократското општество:

„Одлуките на Уставниот суд понекогаш се тешки, но властите и граѓаните треба да ги почитуваат и да се изнајде решение граѓаните да живеат како што сакаат, но само во согласност со уставот.“

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска